• петок, 05 декември 2025

Русија: Без шанси за продолжување на „Нов СТАРТ“ со САД

Русија: Без шанси за продолжување на „Нов СТАРТ“ со САД

Москва, 6 јуни 2025 (МИА) - Русија не гледа реална можност за спас на последниот преостанат нуклеарен договор со САД, чиј рок истекува за осум месеци, со оглед на „разрушените“ односи меѓу двете земји, изјави заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков во интервју за ТАСС.

Рјабков го критикуваше и предложениот проект на американскиот претседател Доналд Трамп за противракетна одбрана наречен „Златна купола“, оценувајќи го како „силно дестабилизирачки“ и како пречка за нови иницијативи во контролата на вооружувањето.

Со оваа изјава се уриваат шансите за иднината на договорот „Нов СТАРТ“ – последниот важечки договор за стратешко нуклеарно вооружување меѓу Русија и САД, кој го ограничува бројот на боеви глави и средствата за нивно испорачување.

Претседателот Владимир Путин го суспендираше учеството на Русија во „Нов СТАРТ“ во 2023 година, обвинувајќи ја за тоа американската воена поддршка за Украина. Сепак, тогаш рече дека Русија ќе продолжи да ги почитува квотите од договорот за боеви глави, ракети и бомбардери.

Доколку договорот не биде продолжен или заменет до 5 февруари следната година, експертите предупредуваат дека може да дојде до нова трка во вооружување во услови на веќе зголемени меѓународни тензии поради војната во Украина – конфликт што и Путин и Трамп го оценија како можен вовед во Трета светска војна.

Рјабков оцени дека руско-американските односи се „едноставно разрушени“:

- Нема основа за продолжување на 'Нов СТАРТ' во сегашниве услови. Со оглед дека договорот истекува за осум месеци, се помала е смислата да се говори за реална можност тој да се продолжи, рече Рјабков.

Тој додаде дека програмата „Златна купола“ претставува уште една сериозна пречка:

- Секако, дестабилизирачки програми како 'Златна купола' создаваат тешки пречки за конструктивно разгледување на какви било иницијативи за контрола на нуклеарното вооружување, рече Рјабков.

Проектот „Златна купола“, според Трамп, вреди 175 милијарди долари и треба да обезбеди мрежа од стотици сателити кои би откривале, следеле и евентуално пресретнувале ракети од Русија и Кина. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан