Рубио: САД ќе воведе царини, но и нови трговски договори
- Тој додаде дека САД ќе постават „нова основа на фер однос и реципроцитет“ и ќе влезат во преговори со земји кои сакаат нови трговски договори.

Вашингтон, 16 март 2025 (МИА) - По воведувањето на царини за своите главни трговски партнери, САД може да започнат нови билатерални трговски преговори со држави во светот, изјави државниот секретар Марко Рубио.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во четвртокот се закани со воведување 200 отсто царини на увозот на вино, коњак и други алкохолни пијалаци од Европа, отворајќи нова фаза во глобалната трговска војна што ги потресе финансиските пазари и ја зголеми загриженоста за рецесија.
- Ова е глобално. Не е насочено кон Канада, Мексико или ЕУ, туку кон сите, изјави Рубио во интервју за „CBS Face the Nation“.
Тој додаде дека САД ќе постават „нова основа на фер однос и реципроцитет“ и ќе влезат во преговори со земји кои сакаат нови трговски договори.
Рубио не откри детали за тоа како би изгледале новите договори, но нагласи дека САД нема да го прифатат сегашниот трговски статус кво. - Ќе поставиме нова рамка и ако другите земји сакаат, можеме да преговараме. Она што го имаме сега не може да продолжи, изјави тој. ссм/
фото: архива