Романскиот претседател Никушор Дан ја одржа првата прес-конференција по стапувањето на должност
- За поддршката за Украина, Дан истакна дека безбедноста на Украина е поврзана со безбедноста на Романија и Молдавија. Тој потврди дека дијалогот со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп продолжува во рамките на стратешкото партнерство со САД, а одлуката за зголемување на буџетот за одбрана ќе биде донесена следната година.
Букурешт, 4 јуни 2025 (МИА) - Романскиот претседател Никушор Дан ја одржа својата прва прес-конференција по преземањето на функцијата, во живо пренесувана на интернет, во траење од час и половина. Настанот се одржа во контекст на консултациите за формирање ново владино мнозинство и дискусиите за намалување на буџетскиот дефицит.
Дан се осврна на клучни внатрешни и надворешни прашања, вклучувајќи ја судската реформа, промените во раководството на разузнавачките служби, зголемувањето на трошоците за одбрана и поддршката за интеграција на Молдавија. Тој нагласи дека првата нацрт-програма на новата влада треба да биде готова до понеделник, а формирањето на владата би можело да трае две недели. Името на новиот премиер сè уште не е дискутирано, но се разгледува можноста за технократски премиер.
- Ги поздравувам подготвеноста на Социјалдемократската партија, Национално-либералната партија, Сојузот за спас на Романија, Демократскиот сојуз на Унгарците и групата на малцинствата за учество во формирањето на владата. Фокусот ни е на буџетскиот дефицит, кој е наш главен проблем, изјави Дан. Работна група ќе предложи мерки за намалување на дефицитот уште утре, по што ќе почнат политичките преговори.
Претседателот истакна дека зголемувањето на ДДВ не е опција и дека административно-територијалната реформа е возможна дури по 2028 година поради тековните мандати на локалните власти. За намалувањето на персоналот во министерствата, тој рече дека се работи на проценка преку комисии во секое министерство. Дан, исто така, ја нагласи потребата за јасно разграничување меѓу разузнавачките служби и цивилните власти во борбата против даночното затајување.
За поддршката за Украина, Дан истакна дека безбедноста на Украина е поврзана со безбедноста на Романија и Молдавија. Тој потврди дека дијалогот со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп продолжува во рамките на стратешкото партнерство со САД, а одлуката за зголемување на буџетот за одбрана ќе биде донесена следната година. На 30 јуни, Дан ќе објави дел од својот советнички тим, при што не исклучи можност за задржување на некои советници на поранешниот привремен претседател Илие Боложан. ссм/
фото: ЕПА