• вторник, 30 април 2024

Розева Бомгартнер уметник медалист: Културата обединува, таа е тука да ни покаже дека можеме да бидеме подобри верзии од самите себе

Розева Бомгартнер уметник медалист: Културата обединува, таа е тука да ни покаже дека можеме да бидеме подобри верзии од самите себе

Скопје, 29 октомври 2023 (МИА) - Изработката на медалот е уметничка форма што постои долго време. Поврзана е со монетите од каде доаѓа инспирацијата. Главниот предизвик на овој уметнички жанр кој денес ретко се применува, е во синтезата на идеи на мала површина преку користење на визуелно - естетски средства. Процес низ кој се отстрануваат несуштинските детали со цел да се создаде нешто што е препознатливо, што ќе остане и јасно ќе прикаже одредена идеја.

Истакнатата уметница Надиа Розева Бомгартнер, чии дела се наоѓаат во колекциите на Британскиот музеј, во музеи во Стокхолм, во Музејот за монети и медали во Кременица, Словачка и други јавни колекции, во видео разговор за МИА ги открива тајните на изработката на арт - медалите.

Ова е уметност која се поврзува со средновековието. Првиот уметник кој создал реалистични портрети на медали бил Пизанело кој творел во 15-от век и кој се смета за еден од татковците на уметничкиот медал. Главниот предизвик на оваа уметничка форма, вели таа, е да се создаде визуелно приемчива слика што е поврзана на две страни, понекогаш визија и последица, или пак идеја што се доразвива на другата страна – аверс и реверс – односно претставување на идеја во многу мали кругови.

За создавање на овие уметнички дел, како што нагласува Розева Бомгартнер, не е доволен само талентот туку како и за секоја уметничка форма - потребно е многу добро познавање на историјата,  настаните, библиските теми, античката култура, бидејќи сите уметници ја црпат нивната инспирација од антиката.

-Тука се вечните теми на Адам и Ева, маж и жена, добро и зло. За да се биде интересен како уметник треба да имате добри познавања на овие теми, за да ги претставите на свој начин, бидејќи ние не создаваме нови работи туку ги претставуваме на наш сопствен начин. За да се направат медалите потребно е многу да се експериментира и да не се успева. Имам веројатно преку 300 дела досега од кои би изложила можеби само една третина. Исто така е интересно да се види како правиме самоцензура, како знаеме кога да запреме кога работиме на одредено дело, како да не го расипеме, да знаеме каде е границата, вели Розева Бомгартнер.

Иако, се помалку застапени како уметничка форма, медалите се привлечни и за колекционерите. Таа открива дека нејзини дела се наоѓаат и во неколку приватни колекции. Смета дека тоа годи за одржување на инспирацијата, но и за продажба на делата, што е важно за секој слободен уметник. Да се има дела во приватни колекции претставува и почитување на работата на еден уметник.

-Тој фидбек, е значаен бидејќи ние уметниците може да останеме осамени во нашите студија доколку нема некој што ќе ги купи нашите дела. Имам дела кај приватни колекционери во Јапонија, таму сум изложувала три пати на покана на различни галерии и имам 15 дела во земјата, но и во други држави, вели уметницата.

Кога станува збор за изработката на уметнички медал, 20 примерока се сметаат за оригинали, па секој пат кога се лие едно дело, се обидува, вели, да експериментира со патина, со оглед на тоа дека употребува своја патина.

-Како што гледате, ова е навистина рачна уметност, крајните детали се прават преку триење со раката и маснотијата од раката останува на патината и ја прави сјајна, појаснува Розева.

Надиа дипломирала маркетинг во САД, каде работела во издавачката дејност. Со уметничка дејност почнала во подоцнежните години, а пресвртна точка била познанството со истакнатиот бугарски уметник, професорот Богомил Николов чија уметничка вокација е токму медалната скулптура. Додека престојувала во Бугарија тој ја поканил на неговата работилница во Академијата за убави уметности каде се запознава со процесот на изработка на медалите. Нејзината работа ја продолжува по враќањето во САД со онлајн консултации со проофесорот. По шестмесечната мастер програма, таа со свој изработен медал прв пат учествува на изложба на Меѓународната федерација за уметнички медал ФИДЕМ 2004 година во Португалија. Тоа е и првото нејзино дело кое го откупува Британскиот музеј во Лондон. Следи период на дваесетгодишна успешна кариера со поставување бројни самостојни и групни изложби во Бугарија, низ Европа и пошироко, а како член на ФИДЕМ е редовен учесник на нивните годишни изложби.

Штотуку се врати од Годишната изложба на ФИДЕМ во Фиренца, Итралија, а следната година напролет, Розева Бомгартнер ја најавува и својата прва изложба во Северна Македонија на покана на Националната галерија. Во моментов работи на неколку проекти, како и на нови дела за исложбата во Скопје.

-Многу сум среќна што бев поканета од страна на Националната галерија да ги претставам моите дела во Северна Македонија. Од она што го слушнав, ова ќе биде прва изложба од ваков вид во земјава. За мене ова е многу важно бидејќи една од моите мисии е да го популаризирам жанрот на медали, и исто така би сакала да одржувам работилници со млади уметници или секој кој е заинтересиран за процесот на создавање медали, за можеби, да се инспирираат уметниците тука да започнат со работа на овој жанр, но исто така и да станат членови на Меѓународната федерација за уметнички медали. Можеби на следниот конгрес на Федерацијата во Минхен ќе бидат присутни и македонски уметници, вели уметницата. 

Надиа е сопруга на францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и веќе две години престојува во земјава, а основен порив и е кога доаѓа во нова средина да ја задоволи својата љубопитност и да ја истражи и се запознае со локалната уметничка сцена.

-Првата работа што ја правам кога посетувам некоја земја е што се запознавам со состојбата на полето на културата, уметниците, настаните во уметноста. Интересен и збогатувачки е фактот што можам да посетам многу концерти. Јас и мојот сопруг многу често присуствуваме на концертите на Филхармонискиот оркестар, на Охридско лето, ја следам културната сцена во земјата, визуелните уметности, музиката, ја следам работата на Националната галерија. Тука е и Музејот на современа уметност и импресивната колекција „Солидарност“ која што знам дека е патувачка изложба и веќе била во Виена, ќе биде во Чешката Република следната година, и истата е навистина големо богатство. Откривам нови уметници, тука се македонските класични уметници кои се веќе етаблирани имиња и оние кои веќе не се меѓу нас, како што се Чемерски, Андреевски, Манев, Лазески, Личеноски итн. Многу е интересно да се види дека на овдешните уметници не им е лесно, но навистина се обидуваат  да направат промена и да напредуваат, а исто така и да бидат дел од успешната европска и меѓународна културна сцена, вели Розева.

Изборот на Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година, според Розева-Бомгартнер, е големо постигнување и можност да се мобилизираат уметниците.

- Многу е направено во сферата на култура, ја следам работата на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Му честитам на Скопје за неговиот избор да биде Европска престолнина на културата во 2028 година. Ова претставува големо постигнување и голем чекор напред, можност да се променат работите и шанса да се трансформира градот и да се направат многу убави работи за него, за уметниците да се мобилизираат и да го покажат најдоброто од нив при подготовката за оваа неверојатна пригода, вели Розева.

Таа дизјанира и накит. Креирањето накит е позабавно, дизајнерскте изработки лесно се продаваат, а во исто време, вели, го носат вашиот особен печат. Нејзина креација е и брошот „Superwoman“ изработен и промовиран во заштитен знак на бугарската едиција на магазинот Форбс, кој се доделува на успешни жени во деловниот свет. Како што и самата ќе каже, „брошот ја симболизира енергијата на жените кои успеале да ги достигнат врвовите“.

Нејзино поле на интерес и истражување е и културната дипломатија и нејзината способност да обединува, да ги поврзува луѓето од различни култури, бидејќи, истакнува таа, јазикот на културата, на уметноста е универзален.

-Отсекогаш сум сакала да ги проширувам хоризонтите и секогаш сум била вклучена во областа на културата, дали преку издаваштво, или како маркетинг директор на филхармониски оркестар, така што културните процеси секогаш биле дел од мојата работа. Сум била менаџер на галерија, работев на најголемата уметничка изложба во Бугарија во текот на пандемијата, кога 100 уметници ги изложија нивните дела на исто место. Културната дипломатија е интересно поле што навистина сакам да го истражам за решавање на проблеми што не може да се решат на друг начин. Тоа ги сплотува луѓето. Го зборуваме истиот јазик иако говориме многу различни јазици. Културата обединува, културата треба да остане настрана од политиката. Сум видела многу мои колеги од цел свет – Нов Зеланд, Јапонија, Централна Америка, скоро сите држави од Европа, САД, Канада – со кои дури и да не зборуваме англиски или ист јазик одлично функционираме бидејќи го разбираме заедничкиот јазик на уметноста. Уметноста е тука да ни покаже дека можеме да бидеме подобри верзии од самите себе, во потрага по убави работи и хармонија, вели Надиа Розева Бомгартнер во разговорот за МИА кој дел е снимен и во видеоформат. 

Виолета Геров 

Фото/Видео: Аслан Вишко

 

 

Остани поврзан