• вторник, 21 јануари 2025

Родителот со своите постапки ја поттикнува или ја поткопува самодовербата кај детето

Родителот со своите постапки ја поттикнува или ја поткопува самодовербата кај детето

Скопје, 21 јануари 2025 (МИА) - Самодовербата е основа за емоционално-социјалниот развој на детето, бидејќи го учи да се соочува со предизвици, да ризикува и да верува во своите способности. Сепак, одредени постапки и однесувања на родителите и околината може да ја поткопаат таа самоувереност којашто се гради и се развива кај младата личност.

Децата напредуваат со охрабрување. Градењето самодоверба кај децата бара промислени постапки и зборови од нивните родители. Иако грешките во родителството се неизбежни, овде најважна е волјата на родителите - самите да учат и да се приспособат. Одредени навики и однесувања на возрасниот можат негативно да влијаат на самодовербата на нивното дете, пишува порталот „Кликс“.

Постојаната критика, на пр., може да остави трајни емоционални „лузни“. Укажувањето и исправувањето на грешките е важно, но ако тонот е груб и тоа е премногу често, детето ќе почне да се сомнева во својата вредност. Затоа, стручњаците советуваат родителите да се насочат на конструктивна критика којашто поттикнува разговор, наместо понижување, зајадливост или цинизам кон детето кое потоа ќе се чувствува лошо.

Натаму, кога родителот го споредува своето дете со брат, сестра или други деца, тоа е особено штетно. Споредбите предизвикуваат огорченост кон личностите со кои детето се споредува.

Совет: Заради напредок, родителот треба да ја цени единственоста и уникатноста на младата личност која сѐ уште се развива и обликува.

Прекумерната заштита од страна на родителите може да ги спречи децата да се соочат со предизвиците. Децата на кои не им е дозволено да прават грешки, растат сомневајќи се во своите способности. Важно е, како родител, да му дозволите на детето самото да ги решава своите ситни проблеми. Се почнува со едноставни задачи, како пакување училиштен ранец, учество во изборот на облека итн.

Дополнително, и ако родителите не ги признаваат напорите или успесите на детето, без разлика колку се тие мали, тоа може да направи детето да се чувствува помалку вредно. Затоа е важно да ги славиме и малите успеси, да ги пофалиме - за да им се даде важност. Тоа, секако, значително ќе ја зголеми самодовербата кај децата.

„Епитетите“ како „мрзеливо“, „усрамено“ или „несмасно“ дете вообичаено ја обликуваат неговата или нејзината слика за себе. Со тек на времето, детето почнува да верува дека овие зборови ја / го дефинираат како личност.

Совет: Како родител, важно е да се сосредоточите на однесувањето, а не на особините на младата личност.

Ако пак, постојано го следите вашето дете и го контролирате секој дел од неговиот / нејзиниот живот, вие му /ѝ испраќате порака дека не му /ѝ верувате. Постојаната контрола често ги нарушува способностите на детето за одлучување и да го тера да се сомнева во своите проценки. Важно е да им се даде на децата простор да донесуваат одлуки, дури и кога тоа значи дека ќе направат грешка.  си/

 

Остани поврзан