• понеделник, 23 декември 2024

Роде: Едностраните мерки на косовските власти само долеваат масло на огнот

Роде: Едностраните мерки на косовските власти само долеваат масло на огнот

Приштина, 4 февруари 2024 (МИА) – Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде оцени дека спроведувањето на одлуката на косовските власти за забрана на употребата на српскиот динар во земјата, без претходно да се извршат потребните подготовки се „спротивни на намалувањето на тенизиите“ во средините со мнозинско српско население во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

На својата официјална страница на платформата „Х“, Роде напиша дека целосно се согласува со реакцијата на Европската унија, која утрово преку соопштение ги осуди едностраните мерки на Владата на Албин Курти за забрана на динарот и акцијата за затворање канцеларии на паралелни институции на косовските Срби во неколку општини во северно Косово.

Откако претходно повика да се обезбеди подолг транзициски период за забраната на готовинско плаќање со динари, Европската унија се приклучи на критиките искажани од САД за акциите на косовските власти во општинските институции во Косово со кои раководи Србија.

Во соопштението објавено утрово од Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС), се бара статусот на овие институции да се реши преку дијалог во рамките на формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население.

ЕУ ги повика косовските власти „да престанат со едностраните дејствија што поттикнуваат тензии“, а германскиот амбасадор порача дека се согласува со ваквата реакција.

- Повторно, целосно ја поддржувам оваа изјава! Едностраните мерки само долеваат масло на огнот и се спротивни на намалувањето на тензиите. Дијалогот меѓу Косово и Србија олеснет од ЕУ е единственото соодветно место за решавање на овие прашања, напиша Роде на платформата „Х“. иа/мс/

Остани поврзан