• петок, 19 јули 2024

Ричардсон МВП во финалето на ракометната Лига на шампиони

Ричардсон МВП во финалето на ракометната Лига на шампиони

Келн, 9 јуни 2024 (МИА) – Барселона вечерва стана европски шампион во ракомет, откако го победи Алборг со 31:30 во финалето во Келн. Најголема заслуга за освоениот трофеј на каталонскиот клуб има Мелвин Ричардсон кој по трет пат во својата млада кариера го подигна престижниот трофеј.

Дваесет и седумгодишниот десен бек го доби признанието за најкорисен играч (МВП) на турнирот. Тој натпреварот со Алборг го заврши со осум погодоци, додека во полуфиналето со Кил даде пет гола.

Поранешниот играч на Шамбери и Монпеље во финалето реализира пет пенали со перфектни 100-проценти на ефикасност.

- Наградата за МВП е бонус за мене. Мислам дека трофејот во Лигата на шампионите е најважен за тимот и за мене. Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи, бидејќи мислам дека сите можеа да ја добијат наградата МВП. Ова е вид на признание, индивидуално и колективно, за кое работиме напорно секој ден, изјави Ричардсон.

Тој е првиот десен бек кој некогаш бил прогласен за МВП на ЕХФ Ф4 турнирот и вториот француски играч, по Никола Карабатиќ, исто така со Барса, во 2015 година. зс/

Фото: ЕХФ

Остани поврзан