• среда, 30 октомври 2024

Ристески: Брендирани производи за поголема промоција на домашниот и странскиот пазар

Ристески: Брендирани производи за поголема промоција на домашниот и странскиот пазар

Битола, 30 октомври 2024 (МИА) - Пелагонија и Преспа се брендови како географски поими во Македонија и пошироко, и затоа мислам дека врзувањето на производните продукти кои произлегуваат од овој регион со овие именки и географски поими како брендови ќе даде многу повеќе во промоција на самите производи на домашниот и надворешниот пазар, истакна заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

На форумот за унапредување на економскиот и општествениот развој на регионите Пелагонија и Преспа што се одржа во Битола, Ристески посочи дека зголеменото производство овозможува нови инвестиции и работни места.

-Ние можеме да го промовираме и зголемуваме производството на овие производи од регионот со нови инвестиции и нови работни места. На овој начин ние ќе имаме и еден вид згрижување на сите фирми што постојат во регионот и се занимаваат со прехрана и производство на прехранбени производи, но и заеднички настап на пазарите во, и надвор од Македонија. Промоцијата на органски квалитетна, вкусна и здрава храна значи и индиректно помагање на развојот на зелената економија како висок тренд на балканските простори и пошироко, нагласи заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Регионалните стопански комори од Битола и Прилеп за да ги брендираат пелагониското млеко, брашно, преспански јаболка, ајвар, кечап и други производи, најавија формирање на алијанса од институции за поддршка на идејата.

-Во Пелагонија и Преспа има 100.000 хектари земјоделски површини на кои годишно се произведуваат околу 200.000 тони житни култури, пченица, јачмен и пченка, потоа 200.000 тони јаболка и околу 5,5 милиони литри млеко. Затоа наш имепратив е развој на пелагониско-преспанскиот регион, а тоа можеме да го направиме со заштита на нашите брендови со заштита за квалитет на брендирана храна. За оваа иницијатива потребна е една алијанса од институции во која ќе бидат владата, агенции, министерства, факултети или сите што може да помогнат на оваа тема. Со произведените количини се остварува профит од две милијарди денари, а тоа може да се зголеми. Праксата покажа дека земјите што ги брендираат своите производи имаат економски пораст од 30 до 50 насто и затоа со оваа иницијатива веруваме дека ќе има економски пораст, посочи Мирко Велковски, претседател на регионалната комора во Битола.

Иницијативата за брендирање производи е во рамки на Стратегијата за за транзиција на пелагониско-преспанскиот регион кон зелена економија, беше посочено на Форумот на тема „Земјоделие и храна“ во Битола. мт/сст/

фото МИА

Остани поврзан