Реставрирани уникатни уметнички дела во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар
- Со успешна реставрација и конзервација на уникатни уметнички дела од 19. век, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар ја врати својата сакрална убавина и културна вредност.
Дебар, 5 декември 2024 (МИА) – Со успешна реставрација и конзервација на уникатни уметнички дела од 19. век, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар ја врати својата сакрална убавина и културна вредност.
- Станува збор за медаљоните со шестокрилните ангели – серафими, како и композицијата „Воскресението Христово“, кои беа во катастрофална состојба сè до нивното неодамнешно обновување, изјави за МИА, отец Кирил.
Црквата, изградена во 1840 година, некогаш била митрополитски храм на Дебарската епархија и претставува значаен споменик на духовната и културната историја на регионот.
Во нејзина непосредна близина се наоѓало и познатото дебарско црковно училиште, кое е сведок на долгогодишната традиција на образование и просвета во градот.
Последниве години, благодарение на иницијативата на игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски г. Партениј, црквата беше подложена на темелни реставраторски зафати.
Според отец Кирил, во текот на овие активности, на таванот од храмот биле пронајдени осум живописани платна, кои поради нивната лоша состојба се сметаа за отпад.
Меѓутоа, по интервенција на епископот Партениј, овие платна беа издвоени и предадени на професионалната реставраторка и конзерваторка Валентина Илијевска од Куманово. Со својата извонредна стручност, Илијевска успеа да ги обнови медаљоните, враќајќи им ја нивната оригинална естетска и духовна вредност.
-Ова е значаен чекор за зачувување на нашето духовно и културно наследство. Реставрираните дела не само што го враќаат духот на епохата, туку ќе продолжат да служат како украсно-поучни и сакрални елементи во храмот, рече отец Кирил.
Медаљоните ќе бидат вратени во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде што повторно ќе го красат храмот и ќе сведочат за неговата историја и духовна традиција.
Оваа реставрација е уште едно сведоштво за посветеноста на Бигорскиот Манастир и Епископот Партениј во зачувувањето и оживувањето на духовното наследство на Македонија.
Во знак на благодарност, изразени се искрени пофалби за Валентина Илијевска, чии вешти раце и посветеност овозможија овие ремек-дела да ја добијат својата првобитна убавина. вт/дма/
Фото: Бигорски манастир