• сабота, 27 јули 2024

„Реминисценции“-Изложба на цртежи на Страхил Петровски во Струмица

„Реминисценции“-Изложба на цртежи на Страхил Петровски во Струмица

Струмица, 24 јануари 2024 (МИА) - Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект „Ѕид на уметноста“ в сабота на 27 јануари ќе ја отворат изложбата на цртежи насловена „Реминисценции“ на Страхил Петровски.

Митко Гогов, организатор на оваа серија изложби, за колекцијата „Реминисценции“, напиша.

-„Реминисцении“ содржи 12 дела кои меѓусебно се надополнуваат, дејствуваат и го окупираат просторот со експресија која е препознатлива во неговиот визуелен израз. Мрачни предели, брзи, храбри движења, перфекционистички минимализам, независно преку кои димензии и формат се изразува, спектаторот не останува рамнодушен. Страхил Петровски комуницира интуитивно, жестоко, дури и сурово, структурата на неговиот ликовен јазик е впечатлива, иако дводимензионални, тие откриваат повеќе слоеви, просторни димензии кои како камелеон се адаптираат во различни, по можност отворени, широки простори. Може да се почувствува инхалирање на космичкиот мир, а да се види конкретниот хаос, кој е во некоја неповторлива хармонија со линиите и потезите, напиша Гогов.

Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово и е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал сликарство во 1997 година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” - Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на професорот Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор.

Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видео уметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социо-политички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоки естетски решенија како формалистички интерес.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор - реставратор во НУ „Национален конзерваторски центар“ - Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.

Досега реализирал повеќе од 20 самостојни изложби во Македонија и надвор, учествувал на повеќе од 80 групни изложни и добитник е на повеќе национални и меѓународни награди и признанија. рт/sst/

Фото: Организатори

Остани поврзан