• понеделник, 01 јули 2024

Реконструкцијата на малиот градски плоштад во Куманово во застој, ќе се гради и атмосферска канализација

Реконструкцијата на малиот градски плоштад во Куманово во застој, ќе се гради и атмосферска канализација

Куманово, 1 јули 2024 (МИА) - Предвидени се измени при реконструкцијата на малиот градски плоштад во Куманово, соопштија денеска надлежните. Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски во изјава за медиумите посочи дека ќе се гради атмосферска канализација на малиот плоштад чија реконструкција во моментов е во застој.

- При реконструкцијата утврдено е дека малиот градски плоштад имал каналети, но никогаш во минатото немал атмосферска канализација. Мораше да се преработи проектот, ја изведовме атмосферската канализација, излегоа други непредвидени ставки што мора да ги усогласиме со изведувачот и за тоа да побараме од советот на општината, проширување на буџетот, изјави Димитриевски.

Предвидено е на малиот плоштад да се смени подлогата, да се замени урбаната опрема канделабри, клупи, жардиниери, осветлување, акцент ќе се стави на спомениците. Ова е прва фаза од уредувањето на плоштадот. Според секторот за урбанизам, улицата која ги двои двата плоштада и која во моментов се користи за сообраќај ќе се менува, ќе биде поставена подлога за да има целина со зоната на малиот плоштад. Во иднина возачите ќе ги оставаат возилата на катната гаража и кај „скопски дуќани“.

Според електронскиот систем за јавни набавки општината од буџетот за реконструкција на плоштадот одвои над 47, 5 милиони денари (47.548.100,00  денари)  и избрана е скопската компанија „Ленди Груп ДООЕЛ“. ам/цр


Фото: Архива општина Куманово

 

 

Остани поврзан