• понеделник, 23 декември 2024

Редовни контроли и дисциплинираност - пораки од кумановските лекари по повод Меѓународниот ден на дијабетесот

Редовни контроли и дисциплинираност - пораки од кумановските лекари по повод Меѓународниот ден на дијабетесот
Куманово, 14 ноември 2022 (МИА) - Редовни контроли, примена на терапија, правилен начин на исхрана, рекреација, умерена телесна активност се дел од препораките на лекарите од кумановската општа болница за дијабетичарите, по повод Меѓународниот ден на дијабетесот што се одбележува денеска.
Според податоците на д-р Исмаил Бајрами од Центарот за дијабетес во болницата, околу 10 000 кумановци се дијабетичари, а 120 од нив се деца.
  За разлика од повозрасните пациенти, коишто зависно од типот на дијабетесот може да се лекуваат со таблетарна терапија, комбинирана или само со инсулин, кај децата веднаш се почнува со инсулинска терапија, посочува д-р Исмаили. Според него, многу важно е навременото откривање на дијабетесот, редовни контроли на шеќерот во крвта и посета на Центарот за дијабетес за понатамошно лекување на пациентот. - Дијабетот е хронична болест која не се искоренува, меѓутоа може да се одржи во рамки на нормални вредности на гликемија којашто зависи не само од лековите, не само од советите на лекарите, туку и од самите пациенти. Бројот на дијабетичари, за жал, секој ден се повеќе се зголемува. Во државата исто така е зголемена бројката. Во Куманово бројката е варијабилна бидејќи има починати, има новооткриени, се смета дека има околу 10 000 дијабетичари само во Куманово, а од нив околу 3000 пациенти кои се на инсулинска терапија, изјави д-р Бајрами. Докторите посочуваат дека едукацијата е исклучително важна за граѓаните. – Ако се појави поголема чувство за глад, почесто мокрење, многу пиење вода, кај некои слабеење, нервоза, малаксаност, кај нив веднаш треба да се помисли дека се работи за високо ниво на гликемија и веднаш треба да се јави кај својот лекар, а потоа и кај нас. Од она што го гледам од пациентите, тие што се навистина дисциплинирани, држат некоја нормална диета, имаат физичка активност, не се изложени на стрес и нервоза тие во најголем број од случаите се добро регулирани, а тие што се немарни, што не држат диета, што немаат активности, што имаат коморбидитети, што се изложени на стрес секојдневно, кај нив малку потешко оди лекувањето, изјави д-р Бајрами. Тој укажува дека различни пациенти различно примаат инсулин, некои еднаш, други двапати, некои четири пати, дел земаат лекови. Кај некои болеста се комплицира, им се оштетуваат крвните садови, други страдаат од проблеми со видот, срцеви проблеми, бубрежни проблеми, циркулација, неретко развиена гангрена. - Затоа советуваме, апелираме сите да бидат дисциплинирани, повика Бајрами. Светскиот ден на дијабетесот првпат го одбележале Интернационалната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација поради загриженост од ескалација и закана по здравјето што ја предизвикува дијабетесот. Како светски ден се одбележува од 2006-та година. ам/хс/

Остани поврзан