• недела, 22 декември 2024

Ребаланс на буџетот на Општина Ѓорче Петров, дополнителни средства за образованието, инфраструктурата и животна средина

Ребаланс на буџетот на Општина Ѓорче Петров, дополнителни средства за образованието, инфраструктурата и животна средина

Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - Советот на Општина Ѓорче Петров на денешната седница изгласал ребаланс на буџетот со кој се овозможуваат дополнителни средства во основните училишта, подобрување на инфраструктурата и овозможување здрава и чиста животна средина.

Како што соопштија од Општината, основниот буџет е зголемен за 4.682.055 денари, а вкупниот буџет за 26.329.003 денари. Одвоени се дополнителни средства за инвестиции во училиштата, односно реконструкција на игралиштата во три училишта во износ од 5.850.000 денари, замена на оштетените подови во износ од 3.900.000 денари и реконструкција на оградата во ООУ „Тихомир Милошевски“ за што се издвоени дополнителни 500.000 денари.

Советниците на денешната седница изгласале и обезбедување превоз на ученици од населба Александрија до ООУ „Мирче Ацев“ за цела учебна година за што општината ќе одвои 800.000 денари. Со обезбедувањето превозот за тие дечиња, решаваме голем проблем на родителите кои долго време бараа реакција од општината.

Со ребалансот, предвидени се средства и за поставување камери и алармен систем во сите училишта во износ од 880.000 денари, како и промена на оштетени врати во училиштата за што ќе бидат одвоени 372.000 денари.

Општина Ѓорче Петров во соработка со Владата обезбедила дополнителни 6 милиони денари за реконструкција на улици во урбаниот дел, со цел подобрување на условите за движење и сообраќање, што е одлична вест за жителите.

Со новиот ребаланс на Буџетот, активно се вложува и во подобрување на јавната чистота и зеленило, преку набавка на камиони во износ од 2.400.000 денари, набавка на косилки во вредност од 600.000 денари и промена на парковски чешми во износ од 500.000 денари. 
 
- Со ребалансот предвидено е и формирање на ново Јавно комунално претпријатие на Општина Ѓорче Петров. Ја основавме новата служба која ќе се грижи за чистота и одржување на нашата општина. Вложувањето во подобрување на условите во нашата општина е клучно за иднината на нашите деца и нашата заедница. Општината во соработка со Советот и во иднина ќе продолжи да носи одлуки кои се исклучиво во интерес на јавното добро, соопштија од Општина Ѓорче Петров. цр/дма/

Фото: Општина Ѓорче Петров.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан