• четврток, 07 ноември 2024

Реакција од Клиниката за хематологија на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Реакција од Клиниката за хематологија на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Скопје, 25 септември 2023

Искрено жалам што политичката партија ВМРО-ДПМНЕ повторно заради партиски интереси се обидува да стави дамка на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, која по сите медицински показатели е една од најуспешните клиники од ваков тип во регионот и пошироко. Разбирам дека политичкиот ринг е суров, но не можам да се согласам со ваквиот пристап на една политичка партија, која наместо да ги согледа и прифати аргументите, повторно одлучи да инвестира во подигањето на паника кај пациентите, преку дополнителна деградација на јавното здравство. Нешто што сум сигурна ќе им штети на среден и долг рок.

Уште еднаш повторувам, темата за сомневањата за евентуален конфликт на интереси меѓу мене, како актуелен медицински директор и веледрогеријата „Д-р. Пановски“, сопственост на мојот татко, веќе беше предмет на истражување на Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство кое темелно ги разгледа сите факти и утврди дека сите јавни набавки на клиниката се спроведуваат согласно позитивните законски прописи.

Земајќи предвид дека кога опозициона политичка партија се обидува да креира скандал, јавноста со целосно право може да се посомнева дека навистина постои евентуален конфликт на интереси, должна сум повторно да предочам одредени околности, кои треба да земат предвид. Едноставно, како актуелен медицински директор, моја обврска е да го заштитам интегритот на тимот на клиниката. Веледрогеријата „Д-р. Пановски“ се занимава со оваа дејност веќе 29 години и меѓу другите здравствени установи и клиники, со години, уште пред јас да дипломирам на Медицинскиот факултет учествува на јавни набавки и склучува договори со различни клиники, меѓу кои и клиниката за хематологија. Неспорен факт е дека дел од лековите кои се задолжителен светски протокол за клиничката терапија на пациентите кои се лекуваат на оваа клиника, единствен застапник за Република Северна Македонија е токму оваа веледрогерија. Затоа, целосно свесна за овие околности, управниот одбор на клиниката за хематологија, на мое барање, со одлука

ми ги има одземено сите надлежности со кои јас би можела да влијаам во процесот на јавни набавки каде како потенцијален добавувач може да се јави веледрогеријата „Д-р. Пановски“. За оваа одлука е информирана и Државната Комисија за спречување на корупцијата.

Со целосна морална и кривична одговорност, уште еднаш јавно изјавувам дека најмалку од мене, Ирина Пановска Ставридис зависи, дали и колку лекови „Д-р Пановски“ ќе добавува на Хематологија и генерално во јавното здравство. Јас нема да ставам свој потпис на ниту еден договор за јавна набавка со веледрогеријата „Д-р. Пановски“.

Што се однесува до посочената јавна набавка сакам да ја известам јавноста дека на 5 април 2023 година, заради обезбедување на висок степен на транспарентност и набљудување на процесот на јавни набавки и начинот на утврдување на потребата за соодветни лекови за потребите на Хематологија, беа вклучени претставници на НВО секторот како надворешни лица. Јас лично како медицински директор заедно со организацискиот директор се обративме до пет Здруженија на граѓани кои се грижат за правата на пациентите, дополнително до специјализирани организации кои следат процеси на јавни набавки, како и до Државната Комисија за спречување на корупцијата. Следствено на тоа, согласно член 30 од Статутот на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија беше постапено.

Како и да е, бидејќи немам што да кријам, ја користам приликата уште еднаш да ги повикам сите надлежни државни институции повторно да извршат увид во работењето на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија и да се произнесат по обвинувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Сакам да верувам дека сите политички фактори во државата навистина посакуваат квалитетно јавно здравство кое по светски стандарди ги лекува пациентите.

Конечно, заради објективно и непристрасно информирање на јавноста, апелирам до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ пред да продолжат со обвинувањата да соопштат јавно колку јавни набавки во периодот 2006-2016 добила веледрогеријата „Д-р. Пановски“ во јавното здравство?

ЈЗУ УК за Хематологија, проф. д-р Ирина Пановска – Ставридис, медицински директор

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Принтскрин

Остани поврзан