• недела, 22 декември 2024

Реакции по повод смената на рускиот министер за одбрана Шојгу

Реакции по повод смената на рускиот министер за одбрана Шојгу

Лондон, 13 мај 2024 (МИА) – Британските и француските медиуми денеска ја коментираат вчерашната одлука на рускиот прењтседател Владимир Путин за смена на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Британскиот дневен весник „Гардијан“ наведува дека  Кремљ изненадувачки објави дека поранешниот прв вицепремиер Андреј Белоусов, кој е економист, ќе го наследи Шојгу на министерското место. 

Путин, кој минатата недела положи заклетва за претседател на Русија за петти мандат, предложи Шојгу да ја преземе функцијата шеф на моќниот руски Совет за безбедност, претходно предводен од Николај Патрушев.

Шојгу, кој е министер со најдолг стаж во Русија, го презеде Министерството за одбрана во 2012 година, по неговиот мандат како министер за вонредни состојби. Тој го водеше Министерството за одбрана од почетокот на инвазијата врз Украина, што почна во 2022 година.

Сепак, Шојгу беше под тешки критики за воените неуспеси на Русија во Украина, како и за неговиот неуспех да ја искорени корупцијата што продолжува да ја мачи руската војска. Најдраматичен момент за него беше вооружениот бунт минатото лето, предводен од водачот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, кој повика за негово апсење.

Позицијата на Шојгу се чинеше дека ослабе минатиот месец кога руските безбедносни служби го уапсија неговиот долгогодишен доверлив и заменик-министер за одбрана, Тимур Иванов, кој беше обвинет за широко распространета корупција.

На хартија, вчерашната реконструкција го става Шојгу на позиција, која официјално се смета дека е повисока од неговата улога во Министерството за одбрана, што според некои набљудувачи е потег на Путин да му дозволи на неговиот стар сојузник да ги задржи своите позиции на власт, наведува „Гардијан“.

Белоусов дипломирал со почести на Економскиот факултет на Московскиот државен универзитет во 1981 година. Според рускиот медиум РБЦ, тој во младоста тренирал самбо и карате, но не служел во вооружените сили. Во 2000 година стана советник на рускиот премиер, а шест години подоцна се приклучи на Министерството за економија како заменик министер. Од 2008 до 2012 година беше директор на одделот за економија и финансии. Во 2012 година Белоусов стана министер за економија. Од 2013 до 2020 година беше советник на рускиот претседател. Во 2020 година Белоусов стана прв вицепремиер.

Додека „Фајненшл тајмс“ (Financial Times) наведува дека Путин вчера извршил најголеми кадровски промени во безбедносната сфера во изминатата една и пол деценија. Кремљ го претстави потегот за замена на Шојгу како дел од напорите за ограничување на прекумерните трошоци за одбрана на Русија. Според британскиот весник Шојгу важеше за речиси недопирлива личност благодарение на неговата блискост со Путин, со кого неколку пати беше на одмор во родната република Тува.

Според вишиот соработник во фондацијата Карнеги, Мајкл Кофман кадровските промени покажуваат дека станало „јасно оти руската економска елита помина многу подобро од војската во оваа војна“.

- Именувањето на Белоусов значи дека на крајот може да биде сменет и началникот на Генералштабот, Валери Герасимов, истакна Кофман.

Сепак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, негираше дека се подготвува замена за Герасимов.

Во коментарот на францускиот весник „Монд“ се наведува дека Шојгу беше еден од симболите на руската инвазија врз Украина.

- Овој верен помошник на рускиот претседател Путин ќе ја извршува моќната функција секретар на Советот за безбедност. Оваа промена доаѓа во време кога руската армија врши офанзива против украинскиот регион Харков и го засилува притисокот во Донбас, посочува „Монд“.

Додека Песков посочи оти „Шојгу ќе продолжи да работи на истото поле што добро го знае, што го знае многу добро одвнатре, со своите колеги и партнери од неговото поранешно работно место“.

Двата дома на рускиот парламент се очекува денеска и утре да ги одобрат промените на Путин. Гласовите ќе бидат формалност, бидејќи партијата Единствена Русија на Кремљ ги контролира Државната Дума и Советот на Федерацијата. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан