• сабота, 06 декември 2025

Распишан конкурс за учество во предизвици на НАТО програмата ДИАНА  

Распишан конкурс за учество во предизвици на НАТО програмата ДИАНА  

Брисел, 5 јуни 2025 (МИА) - Северноатлантскиот акцелератор за одбранбени иновации (ДИАНА) на НАТО распиша конкурс за десет нови решенија за предизвици насочени кон следната генерација на напредни технологии со двојна намена, чија цел е подобрување на заштита на едната милијарда жители на земјите членки на Алијансата.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, иноваторите ќе можат да поднесат своите предлози за решенија до ДИАНА најдоцна до 12 часот по средноевропско време на 11 јули 2025 година.  

Избраните иноватори ќе учествуваат во шестмесечна програма што ќе започне во јануари следната година, со што ќе станат дел од групата иноватори на ДИАНА за 2026 година. 

Решенијата за предизвици со кои ќе може да се учествува на конкурсот мора да се поврзани со приоритетите на НАТО и неговите земји сојузници, со најновите трендови во напредните и револуционерни технологии и со потенцијалот на пазарот.  

Областите со кои може да бидат поврзани предизвиците се енергијата, напредните комуникациски технологии, електромагнетните сфери, човековата отпорност и биотехнологиите, клучната инфраструктура и логистика, операциите во екстремни услови, поморските и вселенските операции, автономните и беспилотни системи, како и носењето одлуки со помош на дигитални податоци. 

Избраните иноватори ќе добијат финансиски средства во износ од 100.000 евра, за да можат да продолжат да го имплементираат своето решение на предизвикот, додека учествуваат во програмата на ДИАНА.  

Со учество во програмата ДИАНА, тие ќе добијат пристап до мрежа од повеќе од 180 тест центри во Европа и Северна Америка со чија помош ќе можат да вршат активности за тестирање, евалуација, валидација и верификација.  

На иноваторите на ДИАНА, исто така, ќе им бидат ставени на располагање алатки за раст на нивните бизниси, за управување со сложени процеси на набавки во одбраната и за зајакнување на нивната мрежа со индустриските партнери, воените корисници, потенцијалните инвеститори и низа ментори. сп/ 

Фото: НАТО 

Остани поврзан