• сабота, 11 мај 2024

Ракометните репрезентативци од Општина Илинден на прием кај градоначалникот

Ракометните репрезентативци од Општина Илинден на прием кај градоначалникот

Скопје, 11 јануари 2023 (МИА) - Тројцата ракометари од Општина Илинден, кои играат во македонската ракометна репрезентација, Гоце Георгиевски, Жарко Пешевски и Давид Савревски, денеска беа на прием кај градоначалникот Александар Георгиевски. Поводот за оваа средба е претстојното Светско првенство, што ќе се одржи во Полска и Шведска овој месец, информираат од општината.

- Георгиевски на ракометарите им посака среќа, големи успеси и да ја претстават Македонија во најдобро светло, а во знак на благодарност на македонските ракометни репрезентативци, им подари благодарници за особен придонес за развојот и унапредување на спортот и промоција на Општина Илинден. На Гоце Георгиевски претстојното Светско првенство му е 10-то големо натпреварување, досега има настапено на пет европски и ова натпреварување ќе му биде петто Светско првенство. Жарко Пешевски досега има настапено на четири европски и претстојното Светско првенство ќе му биде четвртто мундијалско натпреварување, додека младиот Давид Савревски е дебитант и тој е иднината на македонскиот ракомет, се наведува во соопштението.

Георгиевски истакнал дека локалната самоуправа дава максимална поддршка на спортот, како на индивидуалните, така и на колективните спортисти.

Машката сениорска репрезентација е дел од групата „Ф“ заедно со репрезентациите Норвешка, Аргентина и Холандија, а натпреварите ќе се играат во Краков, Полска. Првиот натпревар ќе го играат на 13 јануари против екипата на Норвешка. Вториот натпревар е на 15 јануари со Холандија, па на 17 јануари со Аргентина во групната фаза. бд/са/

Остани поврзан