• сабота, 23 ноември 2024

Бушле за МИА: Организирањето на пазарот на електрична енергија „ден однапред“ е пресвртница во реформите на пазарот

Бушле за МИА: Организирањето на пазарот на електрична енергија „ден однапред“ е пресвртница во реформите на пазарот

Скопје, 7 октомври 2023 (МИА) - Северна Македонија благодарение на проактивното регулаторно тело, операторот на системот за пренос и операторот на пазарот е добро позиционирана да учествува на паневропскиот пазар и систем на електрична енергија. Организирањето на пазарот на електрична енергија „ден однапред“ е пресвртница во реформите на пазарот на струја во земјата, порача заменик директорот на Секретаријатот на Енергетската Заедница Дирк Бушле во интервју за МИА.

Тој нагласи дека земјава прва во Енергетската заедница, уште во 2019 година започна со аукции за фотоволтаични соларни системи.

Во продолжение следува целото интервју што Бушле го даде за МИА за време на Форумот за праведна транзиција на Енергетската заедница што во средата се одржа во Скопје под мотото „Патот кон одржлива и праведна енергетска транзиција“. 

Дали земјава прави доволно во делот на енергетската транзиција со зголемените инвестиции во обновливи извори на енергија, особено во фотоволтаични централи?

-Северна Македонија беше прва земја во Енергетската заедница која започна аукции за фотоволтаични соларни системи во 2019 година. До крајот на 2022 година беа спроведени бројни аукции за фиксни повластени тарифи и премии кои резултираа со вкупен доделен капацитет од 130 мегавати. Северна Македонија усвои и шема за нето наплата на само-потрошувачка, постигнувајќи капацитет од 130 мегавати, главно од соларни централи, до средината на 2023 година. Сепак, транспонирањето на Директивата за обновлива енергија останува нецелосно. Во согласност со најдобрите практики на другите договорни страни, препорачуваме да се усвои посебен закон за обновлива енергија како стабилна основа за понатамошно поттикнување на инвестициите во обновливите извори на енергија.

Што предвидува новиот „Пакет за чиста енергија“, до кога е рокот за негова имплементација и како може Енергетската заедница да ни помогне во овој сегмент?

-Енергетскиот пакет за чиста енергија може да се подели на два дела – првиот - надополнет со т.н. Мрежни кодови и упатства и Процедурален акт - содржи правила за пазарите и системите на електрична енергија кои имаат цел целосна и реципрочна интеграција на договорните страни на Енергетската заедница на внатрешниот пазар на електрична енергија на ЕУ. Вториот ја содржи Директивата за обновлива енергија (REDII), Директивата за енергетска ефикасност и Регулативата за управување. Првиот треба да се транспонира до 31 декември 2023 година, додека крајниот рок за транспонирање на вториот истече на 31 декември 2022 година. Секретаријатот тесно соработува со сите договорни страни во транспонирањето и спроведувањето на овие акти. Исто така, соработува со институциите и телата кои управуваат со пазарите и системите на електрична енергија во ЕУ, за да помогне да се постигне најголемото проширување на внатрешниот енергетски пазар на ЕУ досега.

До каде сме во делот на неопходните реформи, што е добро, што треба да подобриме и кои треба да ни бидат следните чекори?

-Посебно благодарение на проактивното регулаторно тело, операторот на системот за пренос и операторот на пазарот, Северна Македонија е добро позиционирана да учествува на паневропскиот пазар и систем на електрична енергија. Организирањето на пазарот на електрична енергија „ден однапред“ е пресвртница во реформите на пазарот на електрична енергија во земјата. Затоа, навременото транспонирање на основните правила на Пакетот за чиста енергија, онака како што се усвоени во Енергетската заедница, во македонското законодавство е од суштинско значење. Ако земјата не сака да го пропушти рокот, темпото на процесот треба да се забрза.

Во секторот за гас, поднесувањето на барањето за сертификација од страна на операторот за пренос на гас, НОМАГАС, покажува добар напредок во долгогодишната соработка со Секретаријатот. Транспонирањето на Регулативата REMIT е уште една успешна приказна. Северна Македонија беше и меѓу првите договорни страни што усвоија интегриран Национален план за енергија и клима (НПЕК). До јуни 2024 година, Владата ќе треба да го ажурира овој документ, земајќи ги предвид забелешките од Секретаријатот во согласност со барањата на Регулативата за управување. Транспонирањето на Директивата за обновлива енергија е уште еден итен приоритет.

Колку нацрт-законот за Климатска акција во делот на јаглероден надоместок е усогласен со европското законодавство?

-Доколку ова прашање се однесува на јаглеродниот надоместок предвиден со предлог-законот за клима, Секретаријатот е свесен дека работата на овој предлог сè уште е во тек. Секретаријатот ќе ги достави своите забелешки откако ќе добие зрел предлог од Владата. Сепак, воведувањето надоместок за емисиите на јаглерод е за поздравување бидејќи го следи универзално признатиот принцип „загадувачот плаќа“. Во Енергетската заедница, во моментов се во тек дискусии за регионални решенија за цените на јаглеродот, моделирани според правилата на ЕУ и во согласност со барањата за исклучоци од Механизмот за прилагодување на границите на јаглеродот (CBAM) во секторот на електрична енергија.

Дали навистина се либерализирани пазарите на електрична енергија и на природен гас во Западен Балкан или тоа е направено само на хартија и колку сме далеку од нивно реално функционирање?

- Процесот на либерализација на енергетските пазари во Енергетската заедница веќе со години е во тек и постигнати се значајни резултати во подобрувањето на пазарното управување, на пример со раздвојување на операторите на системите за пренос и дистрибуција. Северна Македонија исто така постигна важен напредок и во секторот за електрична енергија и во секторот за гас. Отворањето на краткорочни пазари на електрична енергија и целосната интеграција во европските пазари и системи се и/или ќе бидат важни пресвртници во напредувањето во овој процес.

Валентин Јанковски

Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан