• сабота, 13 декември 2025

Професори на УКИМ поднесоа кривична пријава против ректорката Ангелова

Професори на УКИМ поднесоа кривична пријава против ректорката Ангелова

6 октомври 2023

Ја известуваме јавноста дека поради заштита на интегритетот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на 4 октомври 2023 година, до Државната комисија за спречување на корупцијата доставивме Пријава за прекршување на Законот од страна на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова. Повќегодишното неетичко и незаконско постапување на ректорот Биљана Ангелова има создадено простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, на штета на репутацијата, интегритетот и работењето на најстариот државен Универзитет.

Информациите во Пријавата, јасно укажуваат на постапување со кое личниот интерес и интересот на приватниот бизнис, за ректорот Биљана Ангелова може да е поставен високо над интересот на Универзитетот, до степен што Универзитетот веќе е сериозно загрозен. Затоа, со оглед и дека претходно, седум години, лицето Биљана Ангелова беше проректор за финансии, инвестиции и развој, Пријавата ја доставивме со голема загриженост дека тонењето на Универзитетот се случува поради личните и бизнис интереси на актуелниот ректор, а претходно проректор, спротивно на Законот.

Како што наведовме во Пријавата, проф. д-р Биљана Ангелова повеќекратно има постапено спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Со Законот е регулирано дека избрано или именувано лице не може да врши функција на член на управен одбор или на друг орган на управување во трговско друштво или друго правно лице што се занимава со дејност со која се остварува профит.

Според информации на колективот на Универзитетот, спротивно на Законот, и како проректор и по стапувањето на функцијата ректор, лицето Биљана Ангелова врши други функции за кои има законска забрана. Меѓу другите функции, таа е член на управен одбор на приватна компанија во јавноста позната по брендот „Винчини“ и член на Надзорен одбор (орган на управување) на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Уште во моментот кога беше избрана за член на Надзорниот одбор, а беше проректор, таа го има прекршено Законот, а прекршувањето продолжува и по нејзиното стапување на функцијата ректор. Со Пријавата известивме и за неетичко и можно незаконско постапување на лицето Биљана Ангелова и со нејзиното членување во одбори на други субјекти – трговски друштва.

Укажуваме дека на склоност кон создавање простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист на лицето Биљана Ангелова упатуваат и други јавно достапни информации.

Во февруари 2014 година, таа, како директор на Економскиот институт при Универзитетот  беше потписник на иницијативата за повторно кандидирање на проф. д-р Ѓорѓе Иванов за претседател на Република Македонија. Потоа, истата година е именувана за претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Истата 2014 година, повторно како директор на Економскиот институт при нашиот државен Универзитет, Биљана Ангелова учествуваше во формирањето на приватна Академија за банкарство и информатичка технологија. Со повикување на нејзината тогашна функција на институт на државен Универзитет стана член на Управниот одбор и на Академскиот совет на приватната Академија во кои партиципираат структури од банкарскиот сектор. Оваа приватна Академија остварува профит наплаќајќи ги своите специјализации, при што посебен таргет се студентите. Конкретните специјализации не биле понудени преку државниот Економски институт каде лицето Биљана Ангелова беше директор, туку преку приватната Академија.

Во 2016 година се поврзале двете активности на Биљана Ангелова. На нејзин предлог како претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија, Претседателот на Република Македонија доделил Орден за заслуги за Македонија на Народна банка на РМ, а таа има добиено согласност од страна на Народна банка на РМ по првпат да биде член на Надзорниот одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Во конкретната ситуација, Биљана Ангелова требала да се изземе од давање на предлогот и од гласање по истиот, и од морални причини. Оваа согласност за орган на управување во банка ја доби непосрено откако веќе беше избрана за проректор на Универзитетот.

Во периодот од 2014, и пред добивање согласност од Народна банка на РМ, со членувањето во органите на приватната Академија, за приватниот интерес, Биљана Ангелова директно соработувала со раководно лице во Народна банка на РМ кое имало важна улога во постапката за издавање на согласност за член на Надзорен одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Ангелова и лицето од Народна банка на РМ (раководна позиција важна за издавање на согласноста на Ангелова) биле членови на Управниот одбор кој ги застапува и финансиските интереси на приватната Академија.

Кај нас постои стравување од користењето на контактите и здружувањето за приватни и бизнис интереси како карактеристика на лицето Биљана Ангелова, што можат да се одразат или веќе се одразуваат на нашиот Универзитет.

Она што за академската заедница е особено страшно е што Биљана Ангелова, од позиција на проректор и сега ректор на Универзитетот вршела и врши настава и на приватни т.н. академии. Меѓу другото, Ангелова е обучувач на „Прогресив академија“ која е регистрирана како фондација, формирана од МАКПРОГРЕС ДОО Виница, во чиј Управен одбор членува лицето Ангелова. Според јавно достапните податоци, надоместот за упис на оваа приватна т.н. академија изнесува 1900 евра. Евидентно е и заобколување на Законот за високо образование.

Сите овие јавно достапни информации укажуваат дека интересот и интегритетот на државниот Универзитет за неговиот ректор може да бидат или веќе се подредени на приватниот, личен интерес и интересот на бизнисот. 

Со цел да биде заштитен интегритетот на Униврзитетот, и јавно од Државната комисија бараме за секој од наводите да постапи во согласност со своите надлежности и јавно да извести за својата одлука.

Истовремено, јавно ги повикуваме и сите други надлежни институции во државата да ги имаат предвид наводите во Пријавата на кои укажуваме и да постапат во рамките на своите надлежности за да се заштити Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан