• петок, 10 мај 2024

Протест на превозниците во Куманово

Протест на превозниците во Куманово
Куманово, 18 март 2022 (МИА) - Превозниците денеска мирно протестираа во Куманово бидејќи се незадоволни од одлуката на општинската комисија за уредување на линискиот превоз и на градоначалникот на Куманово. Тие велат дека се кршат одредби од два закони на штета на граѓаните и на учениците кои веќе немаат превоз од четирите спорни линии кои водат кон најнаселените населби. Протестот почна од „Октомвриска револуција“, каде 50-тината автобуси се движеа по градските улици и завршија кај општина Куманово. Правниот застапник на автопревозниците, Виктор Божиновски кажа дека мирниот протест следи откако повторно е донесена одлука од првостепениот орган, која според него не ги следела упатствата на второстепениот орган, комисијата од Министерството за транспорт и врски. Според Божиновски, прекршени се одредбите од Законот за превоз на патници и Законот за општа управна постапка. - Повторно е донесена незаконска одлука, повторно и по спорната одлука за измена и дополна за уредување на линиите донесена од Советот која беше незаконска. Во новото решение, иако согласно Законот за општа управна постапка одлучувајќи повторно градоначалникот мора во сè да постапи согласно напатствијата на второстепениот орган, но не е постапено по ниту по едно од нив, изјави Божиновски. Тој нагласи дека ќе се искористат сите правни лекови, превозниците ќе достават жалба до Министерството за транспорт и и врски, која, како што кажа, согласно Законот за општа управна постапка по поништувањето на одлука на првостепениот орган, сега директно одлучува Министерството. - Во ова решение комисијата и градоначалникот се повикуваат на препораките на Владата во кои е наведено дека треба да се овозможи што е можно поголем опфат на граѓаните. Со ваквата одлука се прави спротивното, над 20.000 граѓани на Куманово и над 2.500 ученици во училишниот превоз повторно во догледно време додека трае постапка за жалба, додека се донесе одлука од министерството нема да имаат превоз, вели Божиновски. Тој вели дека не може да се менуваат правила на игра во сред натпревар, дека сè можело да се зварши поедноставно, во покусо време ако се прифателе понудите на превозниците кои ги исполнувале условите согласно првично донесената одлука од декември лани. - Со новите одлуки не е постапено ништо врз основа на напатствијата во кои јасно се кажуваше дека еден од превозниците нема документација, нема возен ред, не ги исполнува условите предвидени со огласот од декември. Кажав дека советниците треба да консултираат правници кога носат такви прописи. Кога постапката ќе заврши на второстепениот орган која согласно законот ќе мора да донесе мериторна одлука. Ова е правна држава во која функционираат законите. Тоа ќе биде конечна одлука и на крајот сите ќе мора да ја почитуваат, рече тој. Жалбата ќе биде поднесена во рок од осум дена, а второстепената комисија има право да одлучува 30 дена, но Божиновски се надева дека заради состојбата, препораките одлуката би можела да се донесе во покус временски рок. Вчера општина Куманово во детално соопштение кажа дека нема да отстапи од условите, дека возилата ќе мора да исполнуваат еколошки стандарди, да имаат точно утврден возен ред со чести поаѓања и заминувања. За родителите нагласи ќе се исплаќа субвенција за трошоците за превоз. Оттаму нагласија дека ќе следат инспекции и контроли по завршување на изборот за да се обезбеди квалитетен превоз за кумановци. Во Куманово  во моментов има превоз за 15 од вкупно 26 линии. Граѓаните и особено родителите на учениците се револтирани бидејќи немаат превоз за четири линии и мора да плаќаат такси кое од неодмана е поскапо за 20 денари. ам/мд/

Остани поврзан