• вторник, 16 април 2024

„Простор за разговор“ во Штип

„Простор за разговор“ во Штип

Штип, 24 март 2023 (МИА) - Во Штип денеска ќе бидат одржани неколку настани во рамки на „Простор за разговор“,  проект организиран од Интерарт културниот центар со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје. Проектот ја опфаќа темата за родовата еднаквост и семејното насилство и низ уметнички активизам ја подигнува свеста за овој проблем во општеството.

Во соработка со „ЕХО – Едукативно хуманитарна организација“ во 13 часот, во просториите Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“, ќе се одржи средба со млади средношколци. Во рамки на средбата ќе биде прикажан филмот „Простор за разговор“, а со учесниците ќе разговараат Бети Пеева, претседателка на ЕХО, Ана Зафирова, новинарка и активистка и Огнен Јаневски, амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан на Советот на Европа и ЕУ. Говорниците ќе се осврнат на различните аспекти на темата за родовата еднаквост и семејното насилство и начините со кои може да се допринесе и да се изврши притисок во општеството со цел да се изнаоѓаат соодветни решенија и да им се помогне на засегнатите.

Вечер во 20 часот, во соработка со Домот за култура „Ацо Шопов“,во фоајето на домот ќе се одржи танцовиот перформанс на Скопје танцовиот театар во соработка со катедрата за танц при УГД „Простор за разговор“, по кој ќе има проекција на истоимениот филм. По завршувањето на проекцијата ќе се отвори дискусија на темата, на која учесници ќе се Бети Пеева - Претседателка на ЕХО, Горан Трајков, директор на Домот за културата Ацо Шопав и Рисима Рисимкин, уметник и професор.

ЕХО е препознатлива организација во Источиот регион во областа на заштита на жени жртви на родово базирано насилство (РБН). Организацијата исто така е фокусирана на зголемување на граѓанското учество во креирањето на политики и донесувањето на одлуки. Досега реализираните активности ја покажуваат посветеноста и експертизата на членовите на ЕХО во залагање, застапување и лобирање за интересите на граѓаните, во насока на нудење и обезбедување на советодавни и консултативни услуги, спроведување на истражувања за потребите и проблемите на маргинализираните и ранливи социјални групи, како и едукативни сесии за различни правни, социјални и здравствени теми. Едукативно хуманитарна организација ЕХО застапува примена на интегриран пристап во унапредување на родовата рамноправност и човековите права и поттикнува активно учество на граѓаните во креирањето на политики.

Партнери на националната турнеја на проектот „Простор за разговор„ се универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и „Националната мрежа против семејно насилство“, како и локалните партнери и соработници од градовите во кои се случува турнејата и кои се занимаваат со темата на родова еднаквост и родово базирано насилство, соопшти Интерарт културниот центар./
 

Остани поврзан