• петок, 22 ноември 2024

Промоција на стихозбирката „Карпа во морето“ од Павлина Атанасова

Промоција на стихозбирката „Карпа во морето“ од Павлина Атанасова

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - На платото пред Младинскиот културен центар во Скопје вечерва, од 20 часот, ќе се одржи промоција на втората стихозбирка на Павлина Атанасова ‒ „Карпа во морето“, издадена во едицијата „Гравири“ на „ПНВ Публикации“ од Скопје.

Збирката песни низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.

- Втората збирка песни на Павлина Атанасова тематски се надоврзува на нејзината прва стихозбирка „Големата прегратка“ со која авторката влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Книгата содржи четириесетина песни, во кои повторно доминираат синилото на водата во сите нејзини облици, љубовта, семејството, соништата и желбите, но и стравовите … премолчените нешта, сепак, искажани преку стихови со лечебни својства. Ова е поезија што исцелува, вели Величковска.

Ѓоко Здравески, пак, ќе рече: „Поезијата на Павлина Атанасова е од тие што ве тераат и вие да пишувате. Сликите создаваат слики, ритамот – ритам. Спокојно му е на читателот во нејзините соништа и во нејзините води. Сè поретко ми се случува, како што сега ми се случува, тоа што ќе го прочитам да ме остави со чувство на смисла.“

А Стефан Костоски во неговата рецензија за стихозбирката вели: „Поезијата на Атанасова е тивка вода што спокојно ги слуша сите звуци на универзумот. Сеќавањата, што се наметнуваат in media res во песните од ’Карпа во морето‘, испливуваат токму од водата, доаѓаат со пладневниот дожд, кој потоа се врзува со темите на домот и на идентитетот. Тоа е моментот на мирната, тивка и сонлива доба на природата кога се размислува за саканите, за живите, за мртвите, понатаму, за среќата, за тагата, за љубовта и за надежта.“

Павлина Атанасова (1993, Штип) пишува поезија и кратки раскази. Авторка е на стихозбирките: „Големата прегратка“ (2020, ПНВ Публикации), што беше во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ и „Карпа во морето“ (2023, ПНВ Публикации). Учествувала на „Поетска ноќ во Велестово“, на „Струшките вечери на поезијата“ и на „Скопскиот поетски фестивал“. Настапила и на неколку поетски читања низ Македонија, меѓу кои, на „Поетска епизода“ во Скопје и на „Добри гости“ во Штип. Нејзината поезија е застапена во неколку избори и зборници, а редовно се појавува и во периодиката. Нејзини песни се препеани на српски, на хрватски, на албански и на турски јазик. ир/аа/

Фото: ПНВ Публикации

Остани поврзан