• среда, 11 септември 2024

Промоција на книгата „Тајни“ од Јордан Коцевски

Промоција на книгата „Тајни“ од Јордан Коцевски

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Книгата „Тајни“ од  Јордан Коцевски во издание на „Антолог“ ќе биде промовирана денеска во Културно информативниот центар – Скопје.

Промотор на книгата, како што е најавено, ќе биде Душко Крстевски. - Со напегнатата атмосфера, динамичните дијалози и неочекуваните пресврти, „Тајни“ е трилер што ќе ви ги скине нервите и ќе ве заведе во светот полн со скриени опасности и интригантни мистерии, се вели во најавата за промоцијата на книгата.

Според издавачот, во книгата има приказна за вистинското, несебично пријателство, за корумпираноста на системот, за моќта на богатите наспроти останатите членови на општеството, за луксузот кој неморалните личности си го дозволуваат и за тоа дали една личност може да остане етички доследна под притисок на средината. Лесниот стил на Коцевски во комбинација со хуморот, како што наведуваат, го прават ова дело вистинско задоволство за читателите.

Јордан Коцевски е роден во 1983 година,  а ја започна кариерата во академската сфера и во 2014 година се здоби со титулата Доктор по менаџмент во туризам и угостителство. Има напишано повеќе од 30 научни и стручни трудови.

Првата збирка стрипови во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“, ја објави во 2014 година, додека со истиот илустратор во 2016 година ја издадоа нивната прва графичка новела „Витези од соседството“. Збирката раскази „Време за живеење“ е неговото прво дело, објавено во 2001 година. аа/мд/

Фото: КИЦ

Остани поврзан