• недела, 22 декември 2024

Промоција на книгата „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска

Промоција на книгата „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) - Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечер ќе се одржи промоција на книгата „Додека спиеш“ од македонската поетеса Биљана Стојановска. Ова е трета поетска збирка на авторката, чија книга е во издание на „Чудна шума“.

Дизајнот на корицата го изработи Хари Дудески.

Промотор ќе биде писателката Билјана Црвенковска, стихови ќе интерпретираат Ана Голејшка Џикова, Долорес Атанасова-Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска. Поетскиот перформанс ќе биде придружен од музичката трупа „ВИС Тркалезна маса“ - Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Владимир Лукаш, Toма Димовски, Душан Кировски и Деан Шкартов.

Во рамки на промоцијата, премиерно ќе биде промовиран и кус поетски филм, директно инспириран од книгата „Додека спиеш“, чиј автор е српската актерка и поетеса Валентина Бактијаревиќ. Главна актерка во филмот е српската уметница Сузана Вуловиќ, која живее и работи во Лондон, стиховите ги интерпретира поетот Ѓоко Здравески, а музиката е на уметникот Владимир Лукаш.

- Стојановска умее со природноста на Господинов, да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена, вели Снежана Стојчевска во рецензијата за книгата.

Биљана Стојановска е родена во 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“.

Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.бт/мд/

 

 

Остани поврзан