• четврток, 09 мај 2024

Промовиран извештајот „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“

Промовиран извештајот „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“

Скопје, 9 април 2024

Државниот завод за статистика и УНИЦЕФ го промовираа извештајот „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“ во кој за првпат во една публикација се собрани сите достапни статистички податоци за децата во земјата.

На денешната панел-дискусија, учесниците покренаа прашања за тоа колку е важно националните чинители да ја подобрат способноста за собирање, толкување и изработка на расчленети податоци за децата и креирање политики за деца базирани на докази.

„Политиките и програмите за деца што се потпираат на податоци може да влијаат врз буџетските одлуки што водат кон заштеда на трошоци и оптимално искористување на ресурсите за секое дете“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

„Со координирана работа на сите чинители заедно, податоците може да ги употребиме во корист на децата. За добри политики за деца, потребни се добри податоци. Развивањето политики чија цел е унапредување на детската благосостојба налага солидна база на информации за повеќе домени од животот на децата, вклучувајќи го физичкото и менталното здравје, социо-емоционалниот развој, учењето и образовните резултати“, нагласи претставничката на УНИЦЕФ.

Марина Мијовска, советничка во Државниот завод за статистика, рече дека во иднина соработката со УНИЦЕФ, како и сознанијата за меѓународните практики во оваа област, може да отворат нов правец во развојот на статистиката и да овозможат достапност на податоци за децата на едно место.

Иако во земјата постојат податоци за децата, тие се расштркани и се наоѓаат во различни институции, честопати јавно се недостапни и се во необработена форма.

Публикацијата „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“ ги обединува податоците за децата од Пописот од 2021 година и административните податоци изработени од државните институции за низа области, вклучително и за деца во алтернативна грижа; деца кои примаат социјална помош и услуги; а меѓу другото и детски бракови и раѓања кај малолетни мајки. Извештајот обезбедува податоци собрани на едно место за состојбата на децата, како и увид во идните трендови, со цел да ѝ се помогне на владата при изработка на политики засновани на докази.

Оваа иницијатива е еден од многуте напори осмислени за поддршка на земјата во исполнување на нејзините обврски во спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето. Последните Заклучни согледувања за Северна Македонија објавени од Комитетот на Конвенцијата за правата на детето ја истакнаа потребата од сеопфатен, расчленет и сигурен механизам за собирање

податоци меѓу секторите. Исто така, таму се повикува на меѓусекторска координација во процесот на формулирање, следење и евалуација на политиките и програмите за деца.

УНИЦЕФ

_____________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: УНИЦЕФ 

Остани поврзан