Промовирано првото Доброволно противпожарно друштво во Делчево
- Делчево го доби првото доброволно противпожарно друштво, кое денеска беше промовирано во рамки на одбележувањето на 20 Мај - Денот на пожарникарите.
Делчево, 20 мај 2022 (МИА) - Делчево го доби првото доброволно противпожарно друштво, кое денеска беше промовирано во рамки на одбележувањето на 20 Мај - Денот на пожарникарите.
Како што истакна основачот на друштвото Александар Дончевски, доброволното противпожарно друштво ќе го носи името „Волонтер“, а покрај логистичката поддршка на делчевските пожарникари, друштвото ќе има за задача реализација на голем број хуманитарни и еколошки акции.
- За успешно функционирање на друштвото во преговори сме со Општина Делчево да ни обезбедат простор кој не го користат, за да можеме да складираме дел од опремата. Ќе имаме дежурен телефон со лице кое во секое време ќе биде достапно, исто така во рамки на нашите активности ќе помагаме на повозарасни лица, а пред се ќе бидеме секогаш присутни како логистичка поддршка на Територијалната противпожарната единица во справувањето со пожарите, рече Дончевски.
Доброволното противпожарно друштво засега брои 15 членови, а во тек е и јавен повик за прием на нови членови.
- Значи главната цел е да подготвиме тим кој ќе биде биде спремни за делување во акции. Членови можат да бидат не само невработени лица, туку и лица кои имаат вече искуство како резервисти, затоа апелираме до сите да се пријават на јавниот оглас, додаде Дончевски.
За Борче Поповски кој е еден од првите кој се вклучи во работата на Доброволното противпожарно друштво, учеството во гаснењето на минатогодишните пожари било клучно во неговата одлука, да се вклучи во основањето на друштвото.
- Мене лично ме привлече општетствената одговорност, бидејки истата е на ниско ниво во нашиот град. Ова го воочив по минатогодишните пожари, кога нашите пожарникарите на почетокот беа оставени сами на себе, а потребни се луѓе да им бидат логистика, рече Поповски.
По формирањето друштвото е во фаза на набавка на противпожарно возило-џип, кое ќе биде донација од фирмата „Патриот“, а останатите средства се очекуваат да бидат приберени со онлајн донации и поддршка од општествени одговорни фирми од Делчево. вс/мс/