• недела, 22 декември 2024

Промовирана книгата „Платно од тристиси“ од поетот Никола Д. Сарајлија-Македонски

Промовирана книгата „Платно од тристиси“ од поетот Никола Д. Сарајлија-Македонски

Струмица, 15 мај 2023 (МИА) - Во Центарот за култура во Струмица вечерва беше промовирана книгата на поетот Никола Д. Сарајлија-Македонски, „Платно од тристиси“, која содржи кратка хаику поезија, избор од неговите досегашни пет поетски книжевни остварувања.

Според промоторите, ова дело претставува заокружување на творештвото на овој поет со хаику творби.

-Тој е доследен на јапонските книжевни творби и се изразува само како овој лапидар, жанр. Хаикуто има кодирана вертикална форма позната како 5-7-5, а хаику творците пишуваат за ситни нешта од природата, опкружувањето и околината, а во секое хаику треба да се вметне по еден збор, што ја изразува сезоната. Никола Д. Сарајлија-Македонски спаѓа во првата генерација македонски писатели што го популаризираат хаикуто како книжевна форма во нашата културна средина, напиша меѓу другото д-р Марина Мијаковска во предговорот за книгата.

За книгата говореше Иван Котев, кој истакна дека првата книга на овој поет од Струмица била издадена пред 30 години.

-Силата на поезијата е голема. Таа зрачи од длабочината на зборот од дамнина и токму таа силина на зборот не собра токму вечерва, рече промоторот Котев.

Во своето обраќање авторот се присети на неговите почетоци.

-Хаиуку ме најде мене во времето кога размислував за овие лирски минијатури. Сосема случајно се сретнавме во книгата „Зен , будизам и психоанализа“ на патот започнат во детските, односно младешки години, во време кое кај нас беше прифатено каратето кое тогаш беше повеќе од спорт, рече Никола Д. Сарајлија-Македонски.

Инаку, овој поет досега ги има објавено следните книги хаику поезија: „Промени и спомени“ (1992 година), „Скала од вода“ (2007), „Меѓи на сонот“ (2009), „Продавач на илузии (2014) и „Симфонија од бои“ (2019 година). рт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан