Продолжи протестот на сточарите од кумановските села Љубодраг, Умин Дол и Ново Село
- Сточарите од кумановските села Љубодраг, Умин Дол и Ново Село и денеска протестираа со двочасовна блокада на стариот регионален пат Куманово-Скопје. Тие уште еднаш побараа средба со надлежни

Куманово, 21 октомври 2022 (МИА) - Сточарите од кумановските села Љубодраг, Умин Дол и Ново Село и денеска протестираа со двочасовна блокада на стариот регионален пат Куманово-Скопје. Тие уште еднаш побараа средба со надлежни институции и повторно о испитување на свињите. Жителите повторија дека уништувањето на свињите е неосновано и оти освен во една фарма, во останатите нема потврдено случај на африканска свинска чума.

-Да има болест ние ќе ги уништиме, свесни сме дека е штетно по здравјето, но нема ниту една свиња позитивна тие сакаат да уништуваат, вели претседателот на месна заедница Љубодраг, Бобан Лазиќ.
Жителите обвинуваат дека на овој начин се уништува ситниот земјоделец на сметка на корпорациите и обвинуваат дека на овој начин се штити увозот на сметка на домашното производство.
Сточарите најавија протести и блокади и наредните денови. На денешниот протест се приклучија и сточари од други села од кумановско.
