• недела, 22 декември 2024

Приштина ја обвини Србија дека киднапирала тројца косовски полицајци на нејзина територија

Приштина ја обвини Србија дека киднапирала тројца косовски полицајци на нејзина територија

Приштина, 14 јуни 2023 (МИА) – Полицијата на Косово (ПК) објави дека тројца нејзини припадници денеска околу пладне биле киднапирани од маскирани лица од Србија, на еден од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користи од српски криминални групи за нелегален премин и шверц од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на ПК, киднапирањето се случило во месноста Тресава/Баре, каде што тројцата полицајци биле на должност на тамошниот статичен пункт.

Полицајците јавиле во полициската централа дека забележале маскирани и вооружени лица, а кога на местото на настанот пристигнале дополнителни единици на КП, таму било пронајдено службеното возило, но не и полицајците.

- Во правец на локацијата веднаш се упатија другите полициски единици, а се информираа и останатите безбедносни институции, вклучително КФОР, бидејќи има сомневања дека полициските службеници се киднапирани од српските сили. Со цел да се преземат конкретни дејствија за безбедноста на полициските службеници за кои има сомневања дека се киднапирани од српските сили, контактирани се сите домашни и меѓународни механизми за истите што поскоро да се ослободат и да се вратат во Полицијата на Косово, се вели во соопштението.

Медиумите во Белград тврдат дека косовските полицајци се уапсени на српска територија, при што објавија и фотографии од апсењето на униформирани лица кои се наводно косовски полицајци.

Приштинските медиуми, пак, напоменуваат дека денешниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане.иа/сд/

Остани поврзан