• понеделник, 23 декември 2024

Прилепските мечкари пак ќе ги бркаат злите духови

Прилепските мечкари пак ќе ги бркаат злите духови
Скопје, 4 март 2022 (МИА) - Нови кожи и сурати, вековна симболика. Прилепските мечкари ја обновија маската. Ги шиеја кожите, ги подготвуваа страшните сурати. Сето мора да биде прецизно обликувано, стокмено, страшната маска на мечкарите мора да ја испрати вековната порака: да се исчистат гревовите, да се избркаат злите духови. Ги посетивме за да го видиме процесот на шиење на костимите, на маските, подготовката која со радост ја исчекуваат по двегодишната пауза на Карневалот чија главна атракција се. И, велат, оригинална. Тони Павлески, потпретседател на здружението „Прилепски мечкари“ веќе 37 години е „мечкар“. Прескокнал само две години и тоа кога бил во војска и за време на пандемијата. Го зачекавме со игла во раката. Ги шиеше кожите. Вели мора да се обновуваат најмалку по пет години. - Се подготвуваме интензивно. Моментално ја подготвуваме облеката, Совреме почнавме, да стигнеме за Карневалот, зашто сме поголема група „мечки“. Нѐ има вкупно 40 „мечки“. Потребно е време и секој ден подготвуваме, „облекуваме“ по две до три „мечки“. Сета облека сами ја финансираме, без ничија помош. Се трудиме да ја одржиме традицијата. Кожите ги купуваме од прилепските откупни станици. Ги одбираме. Треба да бидат добри, квалитетни, поголеми, за да изгледаме автентично. Значи, секоја кожа не може да биде за „преправање“. Битно е да е голема, волнеста, добро обработена. Една кожа ја купуваме 100 денари, а за да биде соодветна за коситимот, плаќаме уште 10 евра за подготвување. Знчи една кожа чини 12 до 13 евра. А еден костим чини околу 100 евра, со маската-суратот, но без ѕвонците. Со нив чини преку 250 евра.  Инаку, костимите траат, минимум, 5 години, ако се одржуваат добро. За тоа мора да се води сметка, бидејќи ги нема. Нема кожи, зашто колку има помалку стока, помалку има и кожи. Традицијата е касапска и се трудиме да ја одржиме. Едноставно значи: бркање на злото и раѓањето на новиот живот. Па и, како што е ова време со ковидот, уште повеќе ни треба да го избркаме злото од нашите домови. Токму ковидот не спречи да се „преправиме“. А многу ни недостасуваше „преправањето“, маскирањето.  јас се „преправам“ веќе 37 години. Само две години сум „прескокнал“: кога бев во војска и поради короната, објаснува Павлески. Љупче Николоски во чиј дом три генерации се касапи, од дедото, преку татко му и самиот тој, ја продолжуваат традицијата. ја објаснува традицијата за Прочка. -Дедо ми, татко ми, а и јас сум касап. Според прикажувањето, ние како касапи работиме преку целата година во кланица. Значи, преку целата година што работиме, што одземаме животи како касапи, но не да се изживуваме спрема добитокот,  Прочка е за да си ги исчистиме гревовите. Во сабота, пред Прочка, шетаме кај сите касапи, ги покануваме. Во недела шетаме во домовите и нѐ пречекуваат. Адетот е: со самотоодѕвонување на ѕвонците, клопотарците, влегуваме во секоја куќа, касапска, може и друг да не повика, ако сакаме да им го избркаме злото. Оти ние си ги чистиме гревовите. Имаме околу 60 до 70 куќи кои треба да ги посетиме. А ние сме две групи со 40 до 50 мечкари. Поделени сме на различните делови од градот. парите што ќе ги собереме, наредниот ден, на „чисти понеделник“ треба да почестиме за сите посен грав, раскажува Николоски. Колку е пострашна маската, суратот, толку е пооригинална, поавтентична. - Има заби од дива свиња, има телешки заби, опашка. На маската се монистра, парички, стари, од носиите. Колку е пострашна, маската-суратот е подобра. Потребно е што може повеќе да доловиме делови од животното, толку суратот е пострашен. И со клопотарците, ние ги бркаме демоните. И затоа сакаме да ја одржиме традицијата и да ја негуваме, вели прилепскиот мечкар Љупче Николоски. Мечкарот Тони Павлески надополнува - маската, каде и да одиме е атракција. -Секаде каде одиме, нашата маска е атракција. друга слична нема.  Маската на Мечкарите е уникатна, неповторлива. Ете, државата, конкретно министерството за култура ја стави како нематеријално културно богатство. Сега работиме да биде заштитена и преку УНЕСКО, заклучува Павлески. Кристијан Петрески се „преправа“ во мечкар веќе 13 години. Гордост му е. Сака да ја задржи дедовската и прадедовската традиција. - Јас сум од помладите генерации. 13 години се облекувам и се „преправам“ како Мечкар. Тоа е вековна и најпозната традиција во Прилеп. Се придружувам и мојата желба е традицијата да опстои. Со маската сме учествувале на бројни меѓународни карневали во Словенија, во Бугарија, во Хрватска, во Грција. Оваа наша традиција ја нема на ниту едно место. Потребно е време да се сошијат кожите, да не направи тој „Комбилезон од кожи“, време треба да се направат суратите, маската е специфична, вели Петрески. Прилепските мечкари со радост се подготвени за карневалот Прочка каде се „главната атракција“. Ќе се „преправат“, ќе ги плашат лушето, ќе ги бркаат злите духови. Велат, во ова крајно немирно време, многу ни треба злото да го избркаме. Како никогаш досега. И да се слави новиот живот. Елизабета Митреска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан