• недела, 22 декември 2024

Привремениот граничен премин Стрезимир-Рестилица отворен до 25 септември

Привремениот граничен премин Стрезимир-Рестилица отворен до 25 септември

Дебар, 30 јули 2024 (МИА) - Граничниот премин Стрезимир-Рестилица на македонско-косовската граница, отворен е за минување за граѓаните од двете земји, што е последователна одлука на македонските и косовските власти за овој премин во летниот период.

Преминот, е лоциран во местото Луково Поле, на тромеѓето Македонија - Албанија - Косово, поточно на заедничката гранична линија помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово.

Веста за МИА ја потврди градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски, со чие залагање, по подолг период, преминот во летниот период е отворен од 2018 година.

- И овој летен период повторно ќе можеме да се движиме и дружиме со нашинците од Гора и се надеваме дека овој граничен премин во блиска иднина ќе биде функционален преку цела година во интерес на двете страни. Овој премин ќе биде многу значаен за развојот на туризмот на општините од
двете страни на границата, како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Дебар со жителите на општините Рестелица, Драгаш и Призрен, потенцира Куртовски.

Граничниот премин ќе функционира секој ден од 8 до 20 часот, а за преминување ќе важат истите
правила како и на другите гранични премини, односно документ за идентификација, пасош или лична карта.

Како привремен, овој премин официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Но, поради несоодветната патна инфраструктура, фреквенцијата беше минимална, по што беше целосно затворен.

По подолг период отворен беше во 2018, во истиот летен период, потоа и следната година, не се отвори во 2020 поради пандемијата. Последните четири години отворањето е редовно. вт/цр

Фото: Општина Маврово и Ростуше

Остани поврзан