• среда, 15 мај 2024

Претставата „Лагата“ и Драмскиот театар од Белград за затворање на годинешното 63-то издание на „Охридско лето“

Претставата „Лагата“ и Драмскиот театар од Белград за затворање на годинешното 63-то издание на „Охридско лето“

Охрид, 20 август 2023 (МИА) - Годинешното 63-то по ред издание на Фестивалот „Охридско лето“ ќе биде затворено со театарската претстава „Лагата” на Флоријан Зелер, режисерска поставка на Никола Љуца, а во изведба на Драмскиот театар од Белград, Србија.

-Колку се лажеме себеси и најблиските? Дали тоа го правиме од желба да ја заштитиме саканата личност или да се заштитиме себеси. Вака набројано, изгледа прилично прозаично, иако нуди можност за самодоволен одраз на лесна комедија. Мојата намера е да создадам претстава која живее во моментот со внимателно избрани актери, кои ја заведуваат публиката да гледа (само) забавна и провокативна комедија за модерниот живот. Сцената е реално богата, стан од средна класа. Актерите физички и емотивно им се предаваат на своите стравови и игри до крај. На моменти треба да изгледа како мешавина од современ булеварски театар и комедија. Меѓутоа, како што текстот почнува да се деконструира и вешто ги открива вистинските намери на ликовите, самиот процес се менува како нешто што е длабок психолошки реализам, кој е дури и премногу реален. Режисерската постапка ги засилува идеолошките нишки на драмата и ја разобличува самата суштина на театарската игра, вели за својата поставка режисерот Никола Љуца.

Никола Љуца е роден на 22 октомври 1985 година во Белград, каде што завршил филмска режија на Факултетот за драмски уметности во класата на професорот Слободан Шијан. Неговите филмови „Четврток“, „Наредник“ и „Сцени со жени“ беа прикажани на бројни меѓународни и домашни фестивали каде освоија над 20 награди: Монтреал, Киев, Шведска...

Неговиот прв долгометражен игран филм „Влажност“ ја имаше својата светска премиера на Берлинскиот филмски фестивал во програмата Форум во 2016 година, по што го отвори ФЕСТ и ги освои повеќето национални филмски награди, меѓу кои: најдобар филм, најдобар режисер, најдобар актер. Филмот учествуваше на повеќе од 20 меѓународни фестивали. Ја режираше втората сезона од серијата „Беса“. Ги развива проектите „Ѕвечарка“ и „Пожари“.

Во театарот „Битеф“ ја режираше претставата „Смртта и девојката“ од Ариел Дорфман и во Драмскиот театар во Белград „Лагата“ од Флоријан Зелер.

На сцената на Античкиот театар ќе настапи позната актерска екипа на белградскиот Драмски театар, со Милош Биковиќ, Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радониќ и Јелисавета Теодосиќ.

Почетокот на претставата е од 21 часот. аб/вг/

Фото:„Охридско лето“

 

 

Остани поврзан