• понеделник, 23 декември 2024

Со конференција „Стратегии во уметноста“ почнува 15. сезона на „Креативен викенд”

Со конференција „Стратегии во уметноста“ почнува 15. сезона на „Креативен викенд”

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) – Петнаесеттата сезона на уметничката резиденција „Креативен викенд“ во Лазарополе ќе започне денеска со конференција насловена „Стратегии во уметноста“ и ќе се одржува во периодот до 22 мај на повеќе локации: Котур, Илика, СЦ Дуња, Ла Кања, Монтажна галерија, Буква, Бруталиск и „P_INN“. 

Конференцијата ќе биде отворена вечерва во Котур со почеток од 19:00 часот, каде организаторите ќе ја најават програмата, како и овогодинешните учесници на „Стратегии во уметноста“. Првата и последната вечер ќе бидат зачинети со диџеј сесии на Балтик и Александар Ордев во Котур, како и Андреја Салпе и Теа Шалдева во „P_INN“.

– Целите на оваа конференција се да се види кој со што придонесува за уметничката сцена, да се укаже на слабостите и можните решенија, да се проговори за тоа што недостасува, и како би можела да се подобри инфраструктурата којашто им овозможува на уметниците подобар амбиент за нивното творење и поддршка на промоција на нивните дела во Македонија и надвор од неа, велат организаторите. 

Како што стои во соопштението, на конференцијата свои аргументи и идеи ќе споделат професори и предавачи од Филолошкиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности, издавачките куќи „Темплум“ и „Илика“, музичарите Филип Букршлиев, Добрила и Дориан, Алембик, „Local Blue”, Андреј Татарчевски и Кристијан Новковски.

Дел од програмата се независните и самоодржливи колективи „Партизанска штампа”, КСП Центар „Јадро” и „Кула”, како и претставници на институции и здруженија како ДЛУМ, Национална галерија, МСУ, Кинотека и Фото сојуз на Македонија. ра/лв/

Фото: „Креативен викенд“

Остани поврзан