• недела, 22 декември 2024

Премиерот на Перу поднесе оставка откако парламентот одби да гласа за доверба на Кабинетот

Премиерот на Перу поднесе оставка откако парламентот одби да гласа за доверба на Кабинетот
Лима, 25 ноември 2022 (МИА) - Претседателот на Перу, Педро Кастиљо, ја прифати оставката на премиерот и најави реконструкција на владата, во мигови на изразени несогласувања меѓу извршната и законодавната власт во земјата. Поранешниот премиер, Анибал Торес, кој е верен сојузник на Кастиљо, минатата недела побара од Конгресот што е под контрола на опозицијата да гласа за доверба на владата. Но, Конгресот вчера одби да гласа, со образложение дека не се исполнети условите за тоа. Пратениците од опозицијата двапати гласаа за импичмент на претседателот Кастиљо. Иако не успеаја да го соборат од власт, се изборија за снема на неколку члена од неговиот Кабинет. Торес беше четвртиот премиер назначен од Кастиљо откако тој ја презеде функцијата во јули минатата година. Според перуанската легислатива, доколку Конгресот двапати изгласа недоверба на владата, извршната власт има право да го распушти пратеничкиот дом и да закаже нови парламентарни избори. Минатата недела Торес рече дека евентуалното одбивање на Конгресот да гласа за доверба ќе го смета како да била изгласана недоверба на владата.
Тензиите меѓу различните делови на власта се вообичаени за Перу. Од 2016 година земјата ја предводеа пет различни претседатели. аб/

Остани поврзан