Премиера на воениот филм „Татко и војник“ со Омар Си во Скопје и Битола
- Француско – сенегалскиот воен филм „Татко и војник“ во режија на Матје Вадпие од вечерва премиерно ќе се прикажува во кината низ земјава.
Скопје, 28 јули 2024 (МИА) - Француско – сенегалскиот воен филм „Татко и војник“ во режија на Матје Вадпие од вечерва премиерно ќе се прикажува во кината низ земјава. Филмот ќе биде на редовен репертоар на киното „Милениум“ во Скопје во терминот од 18 часот, а ќе се прикажува и во киното „Манаки“ во Битола во термин од 19:30 часот.
Главната улога ја толкува реномираниот француски актер Омар Си (Omar Sy), познат по улогите во „Недопирливите“ (The Intouchables), најгледаниот француски филм на сите времиња, како и во познатата серија на Нетфликс, „Лупин“.
„Татко и војник“ ги прикажува искуствата на африканските војници кои се бореле на страната на Франција во Првата светска војна. Тоа е приказна за еден татко кој волонтерски се пријавува во француската армија за да биде со својот 17-годишен син кој е со сила регрутиран против негова волја. Испратени заедно на фронтот, тие мора да се борат за своите животи во ужасните воени битки на Франција.
Филмот ја имаше својата премиера на 75. издание на Канскиот фестивал во 2022 година каде беше дел од натпреварувачката Un Certain Regard селекција. Македонската премиера ќе ја има на 28 јули, денот кога се одбележуваат 110 години од почетокот на Првата светска војна, една од најголемите трагедии во човековата историја. дма/сст/
Фото: Плакат