• четврток, 21 ноември 2024

Панел дискусија: Со спојувањето на културата и туризмот ќе се мотивираат кретивните индустрии да делуваат надвор од институциите

Панел дискусија: Со спојувањето на културата и туризмот ќе се мотивираат кретивните индустрии да делуваат надвор од институциите

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) - Преку развојот на креативните индустрии ќе овозможиме луѓето да ја гледаат својата иднина и својот профит надвор од националните институции. Потребно е да се намалува обемот на националните установи, а многу повеќе да се инвестира во приватниот сектор и во невладините организации. Можноста да се отворат приватни театри и слични установи е патот што треба да го следиме. Токму тука е идината на секоја земја, која што претендира да влезе во европското семејство, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на денешната панел дискусија во Скопје.

Панел дискусијата е на тема „Културните оператори двигатели на локален економски раст и развој - привлекување на странски посетители“, а се одржа во рамки на Конференцијата за развој на креативен туризам, што ја организира Skopje Design week 2024 во соработка со Министерството за култура. 

Љутков напомена дека првото нешто на што ќе се посвети како министер е на развојот на транзитниот туризам, бидејќи, како што рече, тоа е нешто што во овој момент е многу важно.

- Со години зборуваме дека културата е потрошувач и не придонесува во економскиот развој на државата и дека мора да се најде модел како ова да изгледа поинаку. Размислуваме прогресивно, размислуваме економски, размислуваме здраво. Затоа, сакаме да ги споиме овие два важни ресори, бидејќи заеднички културата и туризмот и креативните индустрии, кои што реално ги спојуваат овие два значајни ресори, можат да покажат дека културата може да биде значајна за буџетот на државата, да придонесува, да ја развива државата. Преку развојот на креативните индустрии, ќе овозможиме луѓето понатаму да си ја гледаат својата иднина и својот профит надвор од националните институции, рече Љутков.

Тој информираше дека изутрината имал состанок со евроамбасадор Михалис Рокас, кој бил амбициозен и расположен во делот на спојувањето на културата и туризмот.

-Имав подолг состанок со евроамбасадорот Рокас. Ова ни беше трета средба, но прва официјална кај мене во кабинетот. Имавме подолг разговор и зборувавме на овие теми. Рокас е многу амбициозен и расположен во делот на спојувањето на културата и туризмот. Важно е како ние како земја можеме да ги мапираме конкретните културни вредности што ги имаме. Ние ќе мора како држава да ги измапираме сите врендости, и во делот на фолклорот, на музиката, но и во делот на археологијата, туризмот и спортот. Јас како министер првото нешто што ќе го направам е развојот на транзитниот туризам, бидејќи тоа е нешто во овој момент ни е многу важно, додаде Љутков.

Министерот најави дека во 2025 година ќе се подготвуваат посебни програми, кои ќе се однесуваат во делот на туризмот и угостителството, а има и програми кои ќе се фокусираат директно на развојот на културниот туризам.

-Ќе мора сосема поинаку да се развиваат стратегиите кои што ги имаме. Ние немаме стратегија за развој на културата од 2022 година. Ова значи дека сега со спојувањето на туризмот ќе мора да носиме сосема нова стртаегија и да предвидуваме што ќе се случува во наредните години, додаде Љутков.

Панелистите на конференцијата беа согласни дека ни е потребно спојување на секторите, но со сериозна и внимателна стратегија. Логин Кочишки од Д Фестивал Дојран и Таксират Скопје, рече дека поддршката од државата досега е минимална, додека бенефитот кој го носат фестивалите во економијата е далеку поголем.

-Ние сме постојано лимитирани од поддршката од конкурсите на Министерството за култура, додека инвестираме многу во економскиот бенефит преку фестивалите. Конкретно во Дојран, самите создаваме и инфраструктура, немаше ни табла на автопатот, се трудевме да дадеме насоки каде е Дојран. Денеска мислам дека Д фест е најголемиот економски покренувач во градот, и тоа те тој импакт што го направивме, рече Кочишки.

Владица Младеновски, Грга, МКЦ Скопје рече дека фестивалите што ги организираат стануваат атрактивни за регионот.

-Носиме големи имиња на фестивалите, и имаме најниски цени на билетите во регионот. Станавме конкурентни и интерсни и за грчки посетители, што остануваат секако како туристи во Скопје. Се надева, дека во иднина ќе направиме подобра платформа за да ги споиме искуствата, рече Младеновски – Грга.

Тоше Ивановски, културен работник, арт директор на „Локум фест“ кој постои 19 години ја поздрави иницијативата за спојување на ресорите, за која рече чека 30 години а за него е шокантно во позитивна смисла.

-„Локум фест“ има голем потенцијал во насока на фестивал кој може да го раздвижи туризмот во Битола, но за ова е потребно внимателно интегрирање на искуствата на сите линители, рече Ивановски.

Тоше Чочороски, претставник на туристичкото стопанство, рече дека спојувањето на секторите е голем предизвик но се надева дека тоа нема да остане само на ентузијазам.

-Туристите треба да ги препознаат културните манифестации, да се стремиме туристите да останат тука заради културните настани. Потребна ни промоција, креативните индустрии се многу важни, но кога ќе станат дел од програмата на тур операторите, рече Чочороски.

Марија Ѓоргова, државен секретар, Министерство за култура и туризам рече дека треба да се следат и искуствата на соседните земји во начинот на кој го менаџираат културниот туризам, и дека е потребно да се најдат модели за субвенционирање и надвор од буџетските пари.бт/са/

Фото/видео: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан