Побрз проток на патници и единствена контрола за влез бенефити од системот „One Stop Shop“, кој се имплементира на Блаце
- Побрз проток на патници, единствена контрола при влез на патниците во земјава се бенефитите од функционирањето на системот „One Stop Shop“ помеѓу Република Северна Македонија и Косово на Граничниот премин „Блаце“, кои ги соопштија денеска министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Џелал Свечла, кои заедно со вицепремиерот Изет Меџити го посетија преминот. Претставниците од двете соседни земји ги увидоа подготовките за почетокот на функционирањето на проектот. Министерот за внатрешни работи, Тошковски рече дека е донесена потребната опрема за вмрежување на системите, инсталирањето на опремата и увиделе како технички ќе функционира.

Блаце, 21 февруари 2025 (МИА) - Побрз проток на патници, единствена контрола при влез на патниците во земјава се бенефитите од функционирањето на системот „One Stop Shop“ помеѓу Република Северна Македонија и Косово на Граничниот премин „Блаце“, кои ги соопштија денеска министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Џелал Свечла, кои заедно со вицепремиерот Изет Меџити го посетија преминот. Претставниците од двете соседни земји ги увидоа подготовките за почетокот на функционирањето на проектот. Министерот за внатрешни работи, Тошковски рече дека е донесена потребната опрема за вмрежување на системите, инсталирањето на опремата и увиделе како технички ќе функционира.
- Во рамки на една платформа ќе се споделуваат информации коишто ги имаме помеѓу двете министерства, се со цел да овозможиме, преку само констатација од страна на еден полициски службеник да можат косовските граѓани да влезат во Македонија и исто македонските граѓани да влезат во Косово преку контрола да речеме само од страна на еден полициски службеник. Секоја држава го штити својот влез, изјави министерот Тошковски.
Тој рече дека ќе се овозможат градежни зафати со кои ќе се прошират влезовите кон Македонија, ќе има и соодветни услови и кон Косово. Во моментот на преминот има три кабини, каде со мобилни „лаптопи“ ќе се обезбедат шест позиции на кои ќе се врши контрола, со цел како што рече министерот граѓаните побрзо да можат да го остваруваат влезот.
- Да овозможиме соодветна комуникација каква што доликува на две европски држави, рече Тошковски.
Македонскиот министер за заблагодари на косовскиот за ангажманот околу овој проект, на кој му претходеле координации, состаноци, средби.
- Сметам дека со заеднички напори и сила ќе дојдеме до граничен премин, каков што доликува да го имаме. Морам да истакнам дека еве вака со Косово оној проект којшто ние претходно го најавивме дека ќе биде примена на ваков тип на премин на граничните премини сме најнапред ќе бидеме првиот којшто ќе го ставиме во функција. Во иднина, следат ваков тип на олеснувања на граничните премини и со Република Србија, со Република Албанија. Овој премин беше најподготвен да биде ставен како прв во функција, изјави Тошковски.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Свечла е задоволен од увидот на досегашната работа на имплементација на договорот меѓу двете земји за олеснет премин за граѓаните со само една контрола или „One stop shop“.
- Сакам да им се заблагодарам на двете наши екипи, без разлика дали се ИТ или нашите две полиции кои неуморно работеа за да ја спроведат оваа одлука на нашите влади што е можно побрзо и нашите граѓани лесно и без тешкотии да патуваат во двете земји. Верувам дека континуираната комуникација дополнително ги унапредува добрите односи што ги имаме меѓу нашите две земји и се надевам дека фазата на тестирање ќе помине уште поуспешно и сè ќе биде спроведено што е можно поскоро, изјави министерот Свечла.
И вицепремиерот Меџити им честиташе на двајцата министри и на тимовите кои ги интензивираа активностите за реализација на проектот.
- Пилот проектот значително ќе придонесе за проток на луѓе, бидејќи само на влез ќе има само една контрола. Ова беше една од точките на заедничката Влада, имаше и за образование, за соработка, енергетика. Мислам дека со вакво интензивирање покажуваме и докажуваме дека како соседни држави и влади имаме одлична соработка и посакувам и во други проекти ваква реализација, изјави Меџити.
Одговарајќи на новинарски прашања, Тошковски рече дека најдоцна до април годинава, би почнало официјалното ставање во функција, по насоките на стручните лица од ИТ секторот.
- Ќе сториме се што можеме, да сториме да го направиме тоа и во средина на март. Но еве сега по разговорот со експерти од ИТ област, велат дека ќе направат се што е можно, најбрзо што може да го пуштиме во функција. Јас би бил несреќен утре ако го пуштиме. А, јавноста ќе биде известена благовремено кога ќе биде пуштен убав да речеме проект којшто веруваме дека во иднина ќе ја подобри комуникацијата помеѓу нашите граѓани, изјави Тошковски.
Македонскиот министер за внатрешни работи очекува дополнително да се подобри состојбата.
- Се надевам искрено дека овој тип на функционирање како што е замислен од претходно ова не е од оваа влада, овие претходно само поради нивната некадарност не успеаја да го имплементираат ќе даде резултати. Нашите граѓани побрзо да можат да влегуваат и да излегуваат од Македонија во Косово од Косово во Македонија. Имаме уште една дополнителна опција за подобрување на фактичката состојба. Се надеваме дека и оваа опција ќе даде соодветни резултати и навистина се надеваме дека ќе овозможиме побрз трансфер на нашите сограѓани, да може помеѓу две пријателски земји, помеѓу две соседни земји на дневна основа слободно да с влегуваат и да ги да се излегуваат без да чекаат со часови, изјави Тошковски.
Одговарајќи на новинарското прашање колку е безбеден овој систем (One stop shop) за граѓаните, Свечла смета дека современите технолошки достигнувања ќе овозможат безбеден и побрз проток на граѓаните.
- Многу е важно ова да биде што е можно побрза за двете земји. Ги користиме најновите технолошки достигнувања за да ја намалиме бирократијата и да им користиме на нашите граѓани. На нашите граѓани им треба побрзо преминување на границата, на нашите полицајци им требаат повеќе информации за ова да не се злоупотребува. Тоа е овозможено со добрата волја на двете влади и технолошките достигнувања што сега ќе ги ставиме во употреба на овој премин, а како што реков претходно, ќе има фаза на тестирање каде експертите од двете земји ќе ги направат потребните подобрувања, затоа што работевме долго за да се постигне овој резултат, изјави косовскиот министер.
Тој во однос и на Албанија кажа дека се очекува подобрување.
- И овде ќе им го олесни движењето на граѓаните, а медиумите известуваа за долги редици, особено за викендите. Сметаме дека овие долги редови ќе исчезнат и во најкраток можен рок граѓаните ќе можат да преминат од една во друга земја без да се загрози безбедноста на која било страна, рече Свечла.
Долгите редици колони на автомобили особено се интензивираат за време на летните одмори. Граѓаните се надеваат дека во иднина и особено претстојното лето ќе станат минато со воведување на системот. ам/ац/
Фото: МВР