Преку „Супер училишта“ до социјална кохезија и интеркултурна соработка на младите од Делчево и Пирот
- Во гимназијата „Методи Митевски - Брицо“ во Делчево, трет ден се спроведуваат активности од проектот „Супер училишта“ што ги обединува младите од Делчево и Пирот, поттикнувајќи социјална кохезија и интеркултурна соработка. Германската амбасадорка Петра Дрекслер, заедно со претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Регионалната канцеларија за младинска соработка при денешната посета на училиштето ја нагласија важноста на овие иницијативи за развој на вештините и знаењето на младите во Западен Балкан.
Делчево, 29 јануари 2025 (МИА) - Во гимназијата „Методи Митевски - Брицо“ во Делчево, трет ден се спроведуваат активности од проектот „Супер училишта“ што ги обединува младите од Делчево и Пирот, поттикнувајќи социјална кохезија и интеркултурна соработка. Германската амбасадорка Петра Дрекслер, заедно со претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Регионалната канцеларија за младинска соработка при денешната посета на училиштето ја нагласија важноста на овие иницијативи за развој на вештините и знаењето на младите во Западен Балкан.
Споделувајки лични искуства пред присутните ученици од двете општините, амбасадорката Дрекслер изрази убеденост дека ова е добар проект кој германската амбасада го реализира преку европската соработка.
- Мојата порака на овие млади учесници е дека „тоа што го правите вие е вистинскиот начин и се радувам многу што видов толку мотивирани лица денес“. Овој проект од германска страна го поддржуваме во рамки на европската соработка, бидејки сме убедени дека ова е добар проект. Ова ме наврати на моето искуство кога имаше размена меѓу германско и франсуско училиште и јас учествував во таа размена. Во тоа искуство и јас за прв пат морав да објаснувам и да раскажувам за мојата татковина и тоа ми помогна истата да ја разберам подобро, рече Дрекслер.
Државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу додаде дека најважно во рамки на проектот е социјалната кохезија помеѓу младите.
-Чест и задоволство ние како министерство да бидеме дел од настанот, што можеме да поддржуваме ваков проект кој промовира социјална кохезија помеѓу младите во Македонија и регионот, а ние како држава преку RYCO успеавме за оваа година да поддржиме 15 училишта кои се дел од проектот, рече Сабриу.
За Владимир Ѓорѓевски од Регионалната канцеларија за младинска соработка во РСМ за двете училишта е посебно важно што преку проектот веќе е остварено долгорочно партнерство помеѓу училиштата од Делчево и Пирот.
-Нас ни е посебно драго што овој проект се имплементира, ова е долгорочно партнерство помеѓу двете училишта од Делчево и Пирот кои воспоставија многу добра соработка во претходните години. Сега учениците се сместени во семејства каде дополнително се запознаваат, дополнително соработуваат на ниво на општини и се збратимуваат. Исто така, работиме подетално на интеркултурна соработка и помирување и промовирање на различностите, рече Ѓорѓевски.
Ги охрабри сите останати училишта кои досега не уечствувале во „Супер училишта“ да се вклучат со тоа што ќе аплицираат на новиот повик.
-Ги охрабрувам овие училишта кои не се искусни да се вклучат и аплицираат само со идеја, а ние ќе им помогнеме да го развијат целиот процес кој е мошне едноставен, но наградувачки, особено за учениците кои креираат пријателства на долг рок, додаде Ѓорѓевски.
Како дел од активностите во проектот, во изминатите три дена од третиот циклус, учениците од двете училишта беа вклучени во повеќе активности во насока на подобро запознавање меѓу себе и општините од каде доаѓаат.
-Ние сме почестени како училиште да бидеме домаќин на високата делегација која имаше увид во нашата работа од овој проект од минатите циклуси и од овој трет циклус. Ние сме презадоволни што нашата работа имаше големо признание. Посакувам да напредуваат сите и уште повеже вакви проекти со вакво влијание, додаде координаторката Желеанка Демирова.
Третиот циклус од проектот „Супер училишта“ кој е во рамки на RYCO програмата се реализира заедно со партнерското училиште Средња Стручна Школа од Пирот, Република Србија.
Програмата кoja придонесува за постигнување на целокупната цел за зголемување на вештините и знаењето на младите луѓе во Западен Балкан e кофинансиранa од Европската унија и германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од страна на Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) заедно со Регионалната канцеларија за соработка на младите (RYCO).
Проектот придонесува за постигнување на целокупната цел за зголемување на вештините и знаењето на младите луѓе во Западен Балкан преку подобрување на образовните системи и промовирање на соработката во регионот, преку воспоставување на регионална шема за размена на училишта. вс/ар
Фото: МИА