• недела, 22 декември 2024

Преку нова методологија за државна помош до поголем ефект од инвестициите

Преку нова методологија за државна помош до поголем ефект од инвестициите
Скопје, 2 март 2022 (МИА) - Државата ќе го менува моделот за поддршка на инвеститорите и ќе даде по динамична поддршка за оние инвеститори каде што ќе има поголем интерес. Целта е да ги насочиме средствата со коишто располагаме кон поддршка на инвестициски проекти коишто имаат повисок квалитет, генерираат поголеми приходи во Буџет, повеќе работни места и повисоки плати, порача денеска директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски. -Денеска иницираме нова методологија на поттикнување на инвестиции чија цел е  како да стигнеме до инвестиции со многу повисок квалитет којшто за нас подразбира многу поголеми приходи во Буџетот, повеќе и многу подобро платени работни места. Работиме заедно со Советот на странски инвеститори бидејќи имаат искуство во тој сегмент, сакаме да го слушнеме нивното мислење и продолжуваме со пристапот којшто го воведовме минатата година, а тоа е во соработка со деловната заедница да работиме на вакви клучни алатки во процесот којшто треба да ни помогне да стигнеме и до подобри правила на доделување на државната помош и до подинамична државна поддршка за оние инвеститори од коишто државата ќе има поголем интерес, изјави Деспотовски пред почетокот на панелот на тема „Иницијатива за  изработка на нова Методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции“. Нашите цели, додаде, се да обезбедиме многу поголеми приходи во Буџетот. Не изготвуваме нови стратегии и нови закони целта ни е преку многу конкретни и практични алатки во рамки на постојната регулатива со паметен пристап повторно да го зацврстиме принципот дека сите инвеститори во државата имаат исти правила, меѓутоа државата ќе даде по динамична поддршка за оние инвеститори каде што ќе има поголем интерес. -Нивото на приходи во Буџетот од инвестициите во рамки на зоните од 2020 година е некаде околу 40 милиони евра, наша цел е до 2024 година да достигнат 100 милиони евра. Целта ни е  и понатаму да растат платите. Очекувам дека просечната плата во рамки на зоните веќе ќе ја надмине просечната плата во рамки на економијата, а во наредните две-три години просечната бруто плата во зоните да го надмине нивото од илјада евра, рече Деспотовски. Нагласи дека во моментов имаме Закон за финансиска поддршка на инвестициите којшто подразбира дека сите инвеститори само на база на направена инвестиција добиваат одредена субвенција од државата, без разлика на тоа кој е крајниот ефект од инвестицијата -Ние сакаме да видиме кои се ефектите од таа инвестиција, бидејќи имате инвестиција која што носи одредени помали ефекти во Буџетот, преку помала добивка на компанијата а со тоа и помалку даноци. Имате инвестиции коишто за истиот износ носат многу поголеми ефекти во Буџетот. Имате компанија која што вложува на пример во основни средства коишто носат 10 проценти, имате компании коишто вложуваат ист обем на средства коишто носат 20, 30 или 50 проценти добивка. Државата има различен интерес со тие компании. Бидејќи има различен интерес треба да обезбедиме различна динамика на поддршка, потенцира Деспотовски. Виктор Мизо, претседателот на  Асоцијација на странски компании со технолошко напредно производство порача дека новите правила треба да се однесуваат на идните инвестиции, а не на постоечките. -Врз основа на правилата на она што ќе го разговараме денеска и во наредните три-четири месеци ќе креираме формулација. Тоа ќе ни е важно нас за да видиме што и како да планираме за во иднина. За инвестициите кои се веќе присутни тука тоа не значи изменување на правилата или нивна адаптација, рече Мизо. Посочи дека пред три години кога ја формирале асоцијацијата имале околу 11 различни теми на кои континуирано се разговарало со владините институции и со економскиот тим. -Некои од нив како царините веќе целосно влегоа во игра и се адаптирани, а некои од нив се делумно решени. Но, тоа е процес. На пример, подобрување на целиот начин на добивање на работни дозволи и дозволи за престој на странци. Тоа е нешто што мора да го адаптираме како држава за да бидеме конкурентни како земјите во ЕУ, бидејќи за странските компании тоа е многу долг процес, потенцира Мизо. Истакна дека е неопходно и адаптирање на упатството, адаптирање на регионалната помош, вклучување на помош за обука и тренинг на вработените. –Тоа е нешто многу важно што треба да се земе во предвид бидејќи тоа постои во Законот за контрола на државната помош и во Законот за ТИРЗ, но не и во Законот за финансиска помош така што таа адаптација се надеваме дека ќе се случи во наредниот период, посочи Мизо. Нагласи дека по усогласувањето на царините компаниите се целосно конкурентни со земјите од Западна Европа и ЕУ и додаде дека очекува во следниот период да навлеземе кон уште подобро усогласување со меѓународните правила и прописи и помагање на компаниите кои инвестираат надвор од главниот град. - Треба да се стремиме кон она што е нормален тренд секаде во Европа каде најголем број од компаниите се лоцирани надвор од главниот град, додека во главниот град да се повеќе сервисно ориентирани индустрии или друг вид на активности со додадена вредност. Но, индустријата секогаш треба да биде надвор од главниот град за да успееме луѓето кои живеат во провинцијата на државата да останат таму да работат и да имаат соодветни работни места, рече Мизо.вј/хс/

Остани поврзан