• недела, 22 декември 2024

Превенција од мали нозе, препознавање и навремено лекување на обезноста препорачуваат медицинските лица

Превенција од мали нозе, препознавање и навремено лекување на обезноста препорачуваат медицинските лица

Скопје, 18 јуни 2023 (МИА) - Околу 215 пациенти побарале помош од март месец досега, во новоотворениот Центар за обезност при ГОБ „8 Септември“, прв од ваков вид во државата. Свеста за обезноста почнува да расте, но стручните лица со коишто разговаравме, беа децидни дека децата од најрана возраст треба да се учат како исправно да се хранат, да се создаваат здрави навики и да има каква таква рамнотежа меѓу потребата, достапноста и понудата на храна на пазарот.

Обезноста, кај нас е повеќе застапена кај машкиот пол, а е повеќе забележана како болест од страна на женскиот пол. Некои бараат помош од доктор заради грижа за сопственото здравје, а други заради тоа што биле наговорени од блиските. Освен национална програма за справување со болеста, ни недостига нутриционизам, центри за психолошка и физикална поддршка, разни видови ортопедски помагала и се разбира, фондовско покритие за сето тоа.

За сево ова разговаравме со доктор Наташа Недеска Минова, специјалист интернист, субспецијалист дијабетолог во Центарот за обезност при ГОБ „8 Септември“.

- Кога го отворивме Центарот за менаџмент на обезноста, а тоа е пред три и пол месеци, имавме одредени очекувања бидејќи ние и претходно веќе долго време наназад ја скениравме каква е состојбата со оваа болест. Но, бројката од 215 пациенти за овај краток период за нас беше сепак неочекувана, вели докторката.

Таа споделува  дека обезноста е мултисистемско нарушување или болест која се јавува поради неколку причини.

-Ние тоа го викаме фенотип на болеста. Многу е важно тоа да биде земено предвид при изборот на терапискиот пристап. Има 4 фенотипа на дебелина: гладен мозок или hungry brain – овој тип на дебелина е главно контролиран од оската мозок - гастроинтестинален тракт и потребно е многу поголемо количество храна од вообичаено за да се постигне чувство на ситост. Вториот фенотип емоционален глад. Ова се пациенти кои имаат или пренагласени хедонистички чувства или преку храната се справуваат со позитивни или негативни емоции. Третиот тип е гладни црева и во овој случај имаме ненормално траење на чувството на ситост. И последниот тип е дебелина заради бавно согорување на калории, а се јавува заради таканаречен бавен метаболизам или спора потрошувачка, вели Недеска Минова

Таа појаснува дека ова се главните типови на обезност кај нас, а досега не регистрирале дебелина заради дефинирана генетска болест на процесот на глад и ситост или ненормални акумулации на масни наслаги, но тоа е е поради немањето можност за генетски испитувања, па и тие кај кои поставуваат сомнеж се недокажани. 

Ако родителот се однесува со потсмев кон различните, не очекувајте ништо по различно од децата

МИА праша колку е развиена свеста за обезноста во државата, дали можеби треба да се учат лицата од најрана возраст за обезноста и што таа значи, дека не треба да ги исмејуваат оние кои се борат со неа и слично.

- Во Република Северна Македонија, свеста за обезноста почнува да расте, што особено нѐ радува. Дали е само тренд и желба за добар изглед или навистина луѓето почнуваат да размислуваат за третман, ќе покаже времето. Она што недостига е национална програма за справување со болеста. Децата од најрана возраст треба да се учат како исправно да се хранат, да создаваме здрави навики и се разбира да има каква таква рамнотежа меѓу потребата , достапноста и понудата на храна на пазарот. Но, учењето не претставува само празно зборување туку и дела. Ако во мензата на училиштето се служи паштета и виршла за доручек, за ужина сок со нула отсто овошје наместо свежо овошје, не очекувајте здрава навика. Не треба да им зборуваме, туку да правиме. Ако дома фрижидерот е полн со салами, детето нема да јаде полно зрнест леб и млечен намаз, никако. Децата го прават тоа што ќе ги научиме. Што се однесува до исмевањето, тоа е пореметена емпатија која ја има и во најраната возраст и на стари години за жал. Децата воопшто треба да ги учиме на емпатија, не само за дебелината, туку и за сите различни од нив со кои ќе се сретнат. Ако родителот се однесува со потсмев кон различните, не очекувајте ништо по различно од децата, нагласува докторката.

Таа открива дека обезноста, кај нас е повеќе застапена кај машкиот пол, а е повеќе забележана како болест од страна на женскиот пол.

-Во нашиот центар од 215 прегледи, 170 се жени, а 45 се мажи. Жените доаѓаат и кога имаат 27 БМИ, а мажите тешко доаѓаат и кога имаат 40 БМИ. Зошто? Заради културолошки и традиционални сфаќања. Овој Центар е значаен многу за сите нив, затоа што конечно овие пациенти добија место каде можат да се обратат и насочат за третман и менаџирање на состојбата. Има секакви категории на пациенти. И такви кои дошле затоа што се загрижени за себе и такви кои ги носат со сила и убедување од страна на членови на семејството, додава таа.

Појаснува дека голем дел од нив се осудувани заради негрижа за себе и тоа не само од околината, туку и од медицински персонал и тоа е најчесто заради незнаење.

-Генерален став беше до неодамна дека за дебелината единствен лек е нејадење и диети со гладување, што е апсолутно погрешно. Првиот лек за третман на дебелината пред стотици години бил врзување на двете вилици со жица, за да не може долго да џвака пациентот. Работите за среќа се менувааат во позитивна насока и тоа многу брзо. Конечно медицината има што да понуди како одговор и решение на многу прашања. Ние сме на почеток и можеме да понудиме решение не на сите, туку на еден дел. Сепак сме сиромашна земја и не располагаме со многу ресурси, вели докторката.

Најтешката жена што ја третирала имала 270 килограми, а сега има 120 килограми. Ја запрашавме и околу баријатричната хирургија.

-Тоа е еден терапевтски модалиетет, хируршки зафат на желудникот и цревата кој успешно се користи веќе неколку години наназад. Се изведува претежно лапараскопски и се прави ресекција на дел или на цел желудник и на некој начин целосно или делумно премостување на истиот. Ние и пред центарот сме имале пациенти кои сме ги праќале на баријатрична хирургија и кај нас и во странство. Доколку како метод е правилно избран, односно доколку е поставена правилна индикација, резултатот е неизбежен, впрочем како и кај сите други терапевтски модалиетети. Вакви интервенции се прават и во нашата установа и во други установи низ Република Северна Македонија и колегите имаат такво искуство, но, за жал, фондот не го покрива трошокот за овој тип на лекување, како ни медикаментозниот третман, откри таа.

Во Центарот работат со пациенти над 14-годишна возраст. Интерес за третман има од најрана возраст и кај родителите и кај адолесцентите. Најстариот пациент во центарот е на 65-годишна возраст. Овие пациенти, како што појаснува Недеска Минова за жал не живеат долго, имаат скратен животен век.

-Но, разочарува фактот дека ретко кој од пациентите од сите возрасни групи го прифаќаат терапевтскиот модалитет помал внос на калории и планирана физичка активност. Како што кажав, со фенотипизација ние одредуваме што е терапевтски најпогодно. Некогаш тоа е единствено хигиено диететски режим, а некогаш е и комбинација од неколку режими, зависно од состојбата. Нема магија, сѐ е наука, вели докторката.

Ја замоливме да сподели доколку има емотивен момент или момент на средба со обезно лице што никогаш нема да го заборави.

- Има и ќе има. Нашите пациенти можат да бидат големи јадачи, ама и големи и истрајни борци. Никогаш нема да ја заборавам борбата на една мајка посвоител, која откако роди свое дете влезе во голем дисбаланс и тешка форма на обезност од мешан тип, со генетски недокажана, но, високо веројатна причина. Заедно со неа се боревме во услови на Ковид режим, буквално се боревме со системот, бидејќи жената беше отстранета од нашиот здравствен систем како инкурабилен случај. Таа е сега среќна мајка и одгледува две здрави и прави дечиња. Честопати знам да ѝ кажам дека има голем удел во човештвото. Нејзината бескрајна желба да биде мајка го стави својот живот на коцка и подари живот. Благодарност за сето тоа и до доктор Игор Пеев од УК за пластична хирургија, со кој заедно извојувавме победа за неа и ја застанавме на нозе, вели докторката.

Прашавме каде е нашата држава во споредба со другите земји, кога е во прашање обезноста.

- Ние сме сиромашна земја. Многу сиромашна. Она што светот го прави, ние засега само го сонуваме. Среќни сме што имаме засега само еден регистриран лек за третман на обезност –Saxenda ili Liraglutide и хирурзи кои се обучија за баријатрична хирургија. Ни недостига нутриционизам, центри за психолошка и физикална поддршка, разни видови ортопедски помагала и се разбира, фондовско покритие за сето тоа, појаснува таа.

Најголемиот мотив, обезните лица да ѝ стават крај на обезноста, вели, е желбата за живот и поддршката од семејството. Има од сите професии, иако некако доминираат тие што работат седечка работа. Но, тоа е не значајна разлика засега.  

Матичните лекари да ја препознаваат дебелината како хронична болест

Докторката се осврна и на дополнителните здравствени компликации што може да ги предизвика обезноста кај еден човек.

- Овие пациенти се во голем ризик за компликации. Најголем дел имаат предијабетес или дијабетес мелитус тип 2. Тоа е хронична болест, која во комбинација со обезност се лекува со специфична терапија, која ја имавме во одредена количина за мал број пациенти преку програма на Министерството за здравство. Познатиот „оземпик“ кој веќе го нема заради дефицит во производство и таблетарната форма на истиот лек, кој не е на позитивна листа за сега. Срцева слабост  за чиј третман има одличен лек Жардианс кој беше достапен преку истата програма, но само за третман на пациенти со ДМТ2 исто за мала група пациенти, но не и за пациентите кои имаат обезност без дијабетес. Слип апнеа или пореметено дишење во сон кое се јавува кај обезни пациенти. Тие имаат потреба од помагало за дишење, чини многу пари и фондот не го покрива трошокот за тоа лекување. Гонартроза на колена заради што имаат намалена подвижност и им се потребни помагала за движење, инвалидски колички за тие во напреднат стадиум на дебелина кои тешко се движат. Пластични и реконструктивни хирургии за отстранување на вишок кожа исто така фондот не покрива трошоци за ова лекување и така натаму. Ова се најчестите коморбидитети со кои мака мачиме и ние и пациентите за обезбедување начини и средства за лекување, открива докторката.

Неодамна беше најавено отворање на регионален центар за дебелина за целата држава во склоп на Универзитетската клиника за ендокринологија, во следните три - четири недели, што ќе се грижи за обезните пациенти и компликациите поради обезноста. Зошто е значаен ваков центар за граѓаните, го прашавме директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, Арѓент Муча.

- Токму така, во план е отворање на Референтен регионален центар за третман на лица кои живеат со дебелина - обезност во склоп на ЈЗУ УК за ендокринологија. Истиот се планира да биде отворен во текот на наредните 3-4 седмици. Ваков центар е од особено значење за граѓаните кои живаеат со овој проблем за да добијат соодветна стручна и професионална помош, според последните препораки за третманот на обезност. Ќе се врши едукација за исхрана и физичка активност на истите и препишување на соодветна фармаколошка терапија доколку постои индикација за истата. Ќе се прави скрининг и проценка на ризик фактори и коморбидитети, како на пример дијабетес мелитус тип 2, висок крвен притисок, хиперлипидемија и слично. Во однос на едукацијата за исхрана, ќе биде достапен за консултација дипломиран нутриционист. Доколку на пациентите им е потребно психолошко советување, истото ќе биде реализирано во склоп на центарот од страна на стручен тим. Сумирано, навистина постои огромна потреба за отворање на еден ваков референтен центар кој ќе им биде достапен на сите граѓани, вели директорот.

Тој смета дека голем дел од граѓаните не се свесни дека живеат со обезноста и истата не ја сметаат за хронична болест.

- Исто така апелирам на поголема свесност од страна на матичните лекари да ја препознаваат дебелината како хронична болест и да ги едуцираат своите пациенти. Едукација за здрави хигиено-диететски навики е потребна од најрана возраст - во градинките, основните и средните училишта. Многу е важно да се отстрани стигмата за овие лица за да можат и самите тие да ја прифатат болеста и успешно да се справуваат со сите предизвици кои ги носи третманот на истата, заклучува Муча.

Блаже Дарудов

Фото: МИА архива

Остани поврзан