• понеделник, 23 декември 2024

Прво скенирње на земјата под Стибера кај Прилеп: Има многу градби кои чекаат археолошки истражувања

Прво скенирње на земјата под Стибера кај Прилеп: Има многу градби кои чекаат археолошки истражувања

Прилеп, 4 ноември 2023 (МИА) - Античкиот локалитет од пред 17-тина века (најголем процут имал во 2-риот век од нашата ера, а бил активен до 3-4 век) најпознат по мермерните статуи, по 70 години истражување за првпат доби геофизичко скенирање на почвата на локалитетот. Многу градби има под земјата на археолошкиот локалитет Стибера кај прилепското село Чепигово. Скенирањето оваа недела го врши Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија во соработка со прилепскиот Завод и музеј.

Археолозите и истражувачите се фасцинирани со првичните наоди кои треба да се обработат во целина преку софтвер.

-Првичните резултати покажуваат мноштво ѕидови под земјата. Тие податоци треба да бидат обработени во посебен софтвер каде што ќе добиеме појасна слика за поголема површина. Тоа што сега го гледаме се, буквално, пресеци на земјата и врз основа на тоа може да ги инерпретираме како ѕидови, како модерна интервенција или нешто друго. По завршувањето на теренскиот дел на работата со геоснимањето, ќе ги обработиме податоците, ќе ги споиме на едно место за да добиеме поширока и појасна слика за тоа каде се наоѓа тој објект под земјата. Ние даваме насоки каде треба да се концентрира ископувањето. Многу делови се кријат под земјата. Со сегашниве истражувања може да забележиме дека на неистражените делови до истражениот дел со Агората за кои понатаму ќе се види што претставуваат тие објекти, објаснува Радомир Ивановиќ од Археолошки музеј на Македонија.

Истражувањата ги мерат геофизичките карактеристики на почвата, а се бараат аномалии кои се појавуваат во земјата. Тие асоцираат дека станува збор за некаква инфраструктура, како што се ѕидови, канали и друго.

-Ние на одредени полигони ја скенираме целата површина и врз основа на резултатите на тие рефлексии, аномалии што ги бараме, може да кажеме во кој дел од скенираната површина се наоѓа архитектурата и аномалиите кои ги гледаме. Оваа година на Стибера поставивме доста големи полигони кои ги скенираме, покриваме голема површина и ќе се дадат насоки каде да се концентрираат археолошките истражувања, вели Ивановиќ.

Целта на овие скенирања е точно да се лоцираат местата каде има подземја градби и идните археолошки истражувања да бидат ефективни.

-Со тие скенирања, она што го претпоставуваме да се потврди дека на оние пунктови каде што очекуваме има градби под земјата и во кои правци тие се простираат. За да знаеме во иднина како да ги насочиме нашите археолошки истражувања. Ова е за првпат во прилепскиот регион да се скенира со таа техника од Археолошкиот музеј. Она што го претпоставуваме, веќе го гледаме на екранот на тој скенер, а се однесува на градбите, смета Душко Темелкоски, археолог од прилепскиот Завод и музеј.

Уредот за геоскенирање е набавен 2014 година, а поактивно се користи од 2019 година. Оттогаш се организирани неколку обуки за користење на овој и други уреди за неинвазивни истражувања во државава. За четири години се скенирани 15 локалитети во земјава, на шест  се истражува и се потврдени добиените резултати. Препорачливо е пред да се копа, прво со скенерот да се ѕирне што се крие под земја.

-Сметам дека во иднина, прво треба да се користи овој метод пред да се почнат археолошки истражувања. Така ќе се дадат насоки каде да се истражува. На тој начин се штедат пари, време и ресурси, нагласува Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија.

Под земјата се кријат многу јавни, репрезентативни градби, зашто Стибера била значаен град во римското време од 1 и 2 век со 20 000 жители, со денешен еквивалент на преку 200 000 жители.

Инаку, во Стибера која археолозите ја нарекоа „Македонска Помпеја“  сѐ уште се чека да се откријат луксузните живеалишта и некрополата. ем/сх/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан