• недела, 22 декември 2024

Прва планинска велосипедска трка „Манданата 2024“ се возеше на Осоговските Планини

Прва планинска велосипедска трка „Манданата 2024“ се возеше на Осоговските Планини

Кочани, 23 јуни 2024 (МИА) – Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ од Кочани денеска ја организираше првата планинска велосипедска трка „Манданата 2024“, што се одржа во атарот на селото Речани, на падините на Осоговските Планини. Настанот беше во чест на македонскиот револуционер од илинденскиот период Стефан Мандалов – Манданата, кој во септември 1903 година загинал на овие простори.

На трката учествуваа стотина велосипедисти од десетина маунтбајк клубови во државата, при што се возеше на две патеки со должина од 26 и 36 километри, со стартно-целна точка во дворот на манастирот „Св. Илија“ во месноста Бочвенец.

-Трката помина без пoголеми роблеми, иако невообичаено високите температури и на оваа надморска височина беа предизвик за учесниците. Од стартот се возеше до месноста Крушка, преку сртот Дл`ги Дел, со спуштање во Бела Река и искачување кон планинското маало Мишино. Овде имаше получасовна пауза за оддавање почест на револуционерот Манданата, учесник во познатата афера Мис Стон од предилинденскиот период, кој загинал на ова место. Во негова чест поставивме и спомен плоча. Трката продолжи кон Ново Село, покрај манастирите „Св. Димитрија“ и „Св. Симеон“ во селото Костин Дол, а на крајот враќање во месноста Бочвенец, истакна Тосе Атанасов, секретар на КПС „Осоговски орел“.

Настанот имаше промотивен карактер, за туристички да се претстави еден помалку познат регион од јужната страна на Осоговијата, а беше поврзан и со денешниот голем црковно-народен собир по повод верскиот празник Света Троица - Духовден што се одржа во Бочвенец.

За сите учесници кои успешно ја завршија трката беа обезбедени признанија, а организаторите најавија дека во план е таа да стане традиционална и да добие меѓународен карактер. та/мч/

фото: МИА

Остани поврзан