• четврток, 25 април 2024

Прва и втора награда за ученици од Кочани на поетски фестивали во Италија

Прва и втора награда за ученици од Кочани на поетски фестивали во Италија

Кочани, 27 март 2023 (МИА) – Тим од пет ученика од ОУ „Никола Карев“ и СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани освоија прва и втора награда на два поетски фестивала, што се одржаа во италијанските градови Трст и Труиџо.

За 19. Интернационален фестивал на поезија и литература „Замокот на Дуино“, што викендов се одржа во Трст, учениците изработија збирка песни на македонски и англиски јазик за која добија прва награда во категоријата Најдобри училишни проекти. Тема на фестивалот годинава беше „Насмевка на душата“, а меѓународна жири комисија составена од универзитетски професори од повеќе европски држави, како најдобар го оценила трудот на кочанските ученици.

-Учениците Тамара Серафимова, Јована Јосифовска и Андреј Костадинов од ОУ „Никола Карев“ и средношколките Сандра Костадинова и Леа Апостолова, кои порано учеа во истото основно училиште, го сочинуваа тимот што доби прва награда во Трст. Тие заеднички изработија цртежи и поетски творби што се најдоа во проектот со кој конкурираа, а се единствените од балканските земји кои учествуваа и беа првонаградени. „Замокот на Дуино“ е еден од најголемите фестивали за поетски дела и драмски текстови за млади автори до 16-годишна возраст, при што учествуваа над илјада ученици од целиот свет. Поради финансиски причини бевме спречени лично да присуствуваме на прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите, па очекуваме да ги добиеме по пошта, истакна наставничката Гордана Јефтимова, под чие менторство работеа кочанските ученици.

Истиот ученички тим учествуваше и на 33. Интернационален фестивал ,,Centro Giovani e Poesia - Triuggio" во гратчето Триуџо во италијанскиот регион Ломбардија. За поетскиот проект на тема ,,Љубов за слобода и мир", стручното жири на учениците од Кочани им додели втора награда и диплома.та/

Фото: ОУ „Никола Карев“ - Кочани

Остани поврзан