• петок, 22 ноември 2024

Собраниска дебата за техничката Влада предводена од Џафери

Собраниска дебата за техничката Влада предводена од Џафери

Скопје, 28 јануари 2024 (МИА) - Во расправата за избор на третата техничка Влада се вклулија осуммина пратеници, меѓу кои и лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој речиси и да не доаѓа на седници во Собранието и не се обраќа пред пратениците. 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во своето обраќање истакна дека тие нема да гласаат за оваа техничка влада од причина што, како што посочи, не може премиерското место да го земе партија која се поврзувала со најголем број скандали со висока корупција и дека не е законски да го добие партија со помал број на пратеници. 

-Еден дезертер си даде оставка, друг ќе седне во премиерската фотелја, ниту оној кој стана, ниту оној што ќе седне, немаат искрени чувства кон Македонија и затоа исто како и Ковачевски најлошиот премиер досега не очекувајте ни од Талат да биде подобар и да работи за успешна и напредна држава Република Македoнија, рече Милошоски.  

Обраќајќи се кон симпатизерите на СДСМ, Милошоски рече дека партијата на ДУИ нема толку пратеници ниту број на гласови за да избере премиер, но денеска, како што кажа, „Ковачевски и Маричиќ ефтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија привезок на ДУИ“.

-СДСМ, ЛДП и НСДП верните слуги на корумпираната ДУИ поради коруптивни побуди денеска македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава. Наместо ветената европеизација денеска ви приредија една понижувачка дуизација на државата ставајќи го на чело на владата Талат Џафери, другарот на Рамиз Мерко и на Пуцко Петрол, познатите европејци во Македонија, рече Милошоски. 

Оцени дека овој ден е историски но само поради тоа што владата била со историски највисоката инфлација, најлошо здравство, најмногу лажни пасоши и корупција. Законот за автопатите со европско знаменце Џафери, како што рече, им го завери по брза постапка, а платени се историски 200 милиони евра за нула километри автопат.

-Но, затоа пак ДУИ преку Ејуп Рустеми си зема историски високи провизии од подизведувачите кои ги одбра, рече Милошоски и додаде дека ДУИ станала партија на коцкарници и игри на среќа.

Додаде дека за првпат од постоењето на ДИК имало нецелосен состав.

-Сега за прв пат од постоењето на ДИК, најодговорното државно тело за спроведување на избори има нецелосен состав затоа што главниот и одговорен уредник на ова Собрание за прекршување на деловници и закони Талат Џафери не дозволи според закон на опозиционите партии БЕСА и Алтернатива да им се овозможи да добијат член на ДИК, посочи Милошоски.

Павле Трајанов, претседателот на Демократски сојуз, рече дека нема да ја подржи техничката Влада, која за него е спротивна на Уставот.

-Повеќе од јасно е дека состојбите не се битно променети, напротив, тие се влошени и затоа формираме ваква техничка влада која што е спротивно на уставот на Република Северна Македонија, рече Трајанов.

Претседателот на ДУИ Ахмети им се обрати на пратениците од опозицијата, Антонијо Милошоски и Павле Трајанов прашувајќи дали било подобро кога Албанците не биле рамноправни или во 2001-година кога тој и дел од Албанците биле гонети од државата како терористи. Ахмети повика на соживот и носење на одлуки во интерес на државата.

-Кога вие, господине Милошоски сте биле роден, на 29 февруари 1976 година јас како гиманзијалец бев во ќелија, негиран, исмеван, ставен настрана од тие што владееја. Како млад не бев рамноправен со тие што учев, ми го негираа јазикот, а на моите родители им се негираше вработувањето во земјава, па мораа да одат во странство, Јас затоа зборувам како човек кој пател, бил тортуриран од тогашниот систем. Кога било во Кичево подобро, кога бев под кирија или сега кога сме рамноправни. Го знам македонскиот јазик, градоначалникот е Албанец, а општината функционира одлично, затоа што заедно работат Албанците и Македонците и другите, рече Ахмети обраќајќи му се на Милошоски.

Обраќајќи му се на Трајанов праша дали било подобро тогаш кога тој и неговата генерација биле следени како непријатели и терористи или денеска кога заедно управуваме со нашиот дом.

-Вие не враќате 22 години назад, како да сме пак кираџии, како Џафери да е кираџија. Не е вистина дека сме кираџии. Едно е вистина, Охридскиот договор ни го даде правото да бидеме еднакви, не го измени само статусот на Албанците, туку и ја смени државата за добро и на Турците, Србите, Власите, за сите цркви и верски заедници. Сите сме победници со Охридскиот договор. Вие треба да бидете храбри, бидејќи заедно работиме. Не оценувам кој бил посветен повеќе во заедничката работа. Јас и ДУИ се обидовме да станеме фактор како со ВМРО-ДПМНЕ кога делевме власт, така и со СДСМ. Имавме моменти кога партнерот имал значајни барања за нациијата. Јас кажав, дека не може да тропнете на друга врата ако не тропнетет на мојата врата, зашто главни се интересите на државата, рече Ахмети.

Како што го гласам Џафери, додаде тој, го гласав и Јован Митрески. На Бојан Маричиќ му посакува добра работа, како што претходно го гласал Артан Груби за прв вицепремиер.

- На Владата ѝ посакувам да градат добри политики за иднината“, додаде пратеникот Ахмети.

Ахмети зборуваше за војната и за опасноста од нуклеарна војна. - Москва ги згази интегритетот и суверенитетот на Украина, затоа мора да бидеме внимателни какви политики ќе водиме, дали ќе бидеме накај идеите на Москва, или со стомакот во Европа. Тие две работи не одат заедно, мозокот и стомакот мора да се усогласени, ние мора да одиме кон ЕУ, не кон Русија, рече Ахмети.

Според него, податоците велат дека во земјите кои станаа членки на ЕУ, младината им се враќа, како на пример Полска.

Лидерот на ДУИ нагласи дека е сигурен оти Македонија може да оди напред.

-Би сакал ние да не држиме политички говори, тоа за што обвинувате нека разгледува обвинителство, ние сме секогаш за институционално дејствување, а предложивме одамна и ветинг за функционерите. Тука треба да носиме значајни одлуки за иднината на државата, а истражните и други органи нека работат, порача Ахмети велејќи „нека живеат сите народи во државата“.

Пратеникот од Левица Димитар Апасиев посочи на неколку нерегуларности, тој рече дека добил решение еднојазнично, што се косело со законот за двојазичност.

-Добив решение за свикување на седницата и решение за свикување на претходната седница, од кои едното е доставено само на македонски јазик а друото од Талат Џафери двојазично. Прашањето ми е во контекст на членот 2 став 4 од Деловникот кој вели дека пратеник избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот а го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните материјалите ги добива односно доставува и на неговиот јазик и писмо сакам да ве прашам кој од вас двајца постапува правилно дали Талат Џафери со двојазичноста или вие со еднојазичните, бидејќи не може етничката припадност на функционерот да зависи врз примената на законите, посочи Апасиев.

На ова претседателот на Собранието Јован Митрески рече дека и оваа и претходната седница биле закажани согласно Деловникот и законот за јазици.

-Писмото го доби само на македонски јазик, бидејќи само така можам да го потпишам да знам што значи другиот превод би го потпишал и него. Сто дена пред одржување на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата Собранието ќе избере нова преодна влада за спроведување на избори за пратеници предводена од нов претседател на Влада кој го предлага најголемата политичка партија што го формира владејачкото мнзоинство. Според тоа, вчера добив допис од претседателот Пендаровски дека мандатот за состав на нова влада го добил Џафери. Ги добив материјалите, проверивме дали се комплетни и, според тоа, ја закажав седницата така што не гледам дека има некој проблем во врска со спроведување на Деловникот, појасни Митревски.

Пратеникот на СДСМ и портпарол, Дарко Каевски од собраниската говорница при изборот на техничката Влада рече дека ставајќи го интересот на државата на прво место пратениците на СДСМ како прогресивна и проевропска партија, заедно со пратениците од мнозинството, ќе ја поддржеле техничката Влада во македонското Собрание.

Според него изминатите години СДСМ покажала дека е демократска партија која знаела да го штити гласот на граѓаните и нивното неприкосновано право за слободно изразување на нивната волја.

-Нема да дозволиме ДПМНЕ да фрли дамка на изборниот процес, а со тоа и на двојната победа на проевропскиот фронт на претседателските и на парламентарните избори. Заедно со мнозинството пратеници, заедно со граѓаните нема да дозволиме деструктивните сценарија на ДПМНЕ да успеат. Во изминатите години СДСМ покажа дека е демократска партија која знае да го штити гласот на граѓаните и нивното неприкосновено право. Токму затоа од самиот почеток, законската обврска за техничка влада која единствена цел има да организира фер и демократски избори бараше начин да ја проблематизира, да ја опструира, целосно непотребно и без било каква основа, рече Каевски.

Елми Азири од Алијанса за Албанците во своето обраќање вели дека повеќе би сакал да имаме политички премиер отколку технички.

- За жал од изјавите на некои политички партии може да се констатира дека дел од нив нема да гласаат за оваа влада. Се подразбира негласањето е поради етничката припадност на кандидатот за премиер. Тоа не е добар знак посебно од тие што претендираат да водат меѓуетничка држава, рече Азири. 

Според пратеникот Борислав Крмов од Левица, инфериорниот пристап на СДСМ најеклатантно го демонстрира изборот на претседателот на Собранието.

- Овие седум години СДСМ секогаш под нивна закрила, и ден денеска ДУИ, ги урнисуваат институциите. Тој инфериорен однос се гледа, еве, и како денеска ВМРО-ДПМНЕ ќе добие двајца технички министри и тоа по директна заслуга на ДУИ и лично и на Џафери, рече тој.

Крмов смета дека со т.н. Европски фронт на СДСМ, инфериорноста на СДСМ оди во крајност каде, како што рече, се спремни да жртвуваат комплетно сѐ, за да останат по секоја цена на власт. 

Дополни дека со последниот чин каде што СДСМ ја губи премиерската функција, СДСМ станува комплетно развластена партија, а евентуалниот избор на Талат Џафери за технички премиер, смета дека нема да биде никаков триумф на припадниците на албанското малцинство.

- Талат Џафери никако не може да биде премиер на сите граѓани, на Македонците најмалку. Но, не може да биде ниту на Албанците. Обичниот и чесен Албанец нема никаква корист од овој процес. Најмногу што може да биде е премиер на матичната партија ДУИ, рече пратеникот Крмов.

Зборуваше и пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива истакнувајќи дека ќе го поддржи техничкиот премиер. свс/ев/

ФОТО: МИА 

 

 

 

 

Остани поврзан