• понеделник, 23 декември 2024

Празните ниви во тетовско шанса луѓето да се вратат на одгледувањето грав и да се надмине недостигот на храна

Празните ниви во тетовско шанса луѓето да се вратат на одгледувањето грав и да се надмине недостигот на храна
Тетово, 9 октомври 2022 (МИА) - Намалувањето на површините на кои се одгледува гравот „Тетовец“ долги години претставува негативен тренд, но од друга страна е нова можност за тетовскиот регион во обидите за справување со недостигот на храна. Земјоделците се согласни дека секој кој има желба може да обезбеди грав во поголеми количини кои потоа би се нуделе дури и на светските пазари. Празни ниви низ тетовскиот регион има само треба човек да биде храбар и повеќе да се испоти од порано за да му се исплати одгледувањето на гравот, велат земјоделците со кои разговаравме на традиционалната манифестација „Денови на гравот“ што се одржа во тетовско Теарце. Среќко Анчевски од тетовско Доброште вели дека во неговото село секоја куќа имала порано посеано од пет (5000м2)  до 15 декари со грав. Сега малку од земјиштето се користи за одгледување на грав, а тие што тоа го прават имаат посеано мали површини. Сепак и тој потврдува дека ако повеќе луѓе се вратат на земјоделската работа состојбата може да се смени. -Треба да се вложи прво финансиски средства, труд голем, дали ќе ги поврати средствата назад не се знае од одма. Вложувањето треба да биде големо затоа што се поскапени трошоците. Пример ако вештачкото ѓубре лани беше 25 евра една вреќа, сега е 50 евра и го нема, вели Среќко. Цената за еден килограм грав „тетовец“ достигнува до 300 до 350 денари за килограм, па според соговорникот доколку има и повеќе род секако дека би се исплаќало да се одгледува на поголеми површини. -Јас го нарекувам тетовско бело злато, бидејќи одгледувајќи и потоа продавајќи грав, старите наши не гледале нас како деца, сме имале за живот само од гравот. Нние сме береле пред децении по два-три тона грав. Во секое село имало организиран откуп на грав. Сега нема. Секој продава поединечно, по 10-15-20 килограми и тоа се дава на продажба на пријатели. Сега од два декари нема 50 килограми грав, а претходно претежно еден декар само давал до 100 килограми, објаснува земјоделецот Се смета дека гравот е тешка култура за работење, а воедно во времето кога расте во летните месеци со високо температури потребно е да се најде многу вода. Исто така кога се бере е мачно и тешко за работа, бидејќи се почнува и во август и во септември кога уште е топло. Бидејќи нема луѓе да се најдат за да работат на собирање, еден земјоделец сега веќе сее грав на површина толку колку што може сам да го изработи. Градоначалникот на Општина Теарце, Нухи Незири вели дека сега за да се зголемат површините на кои се сее грав позитивно може да влијае поддршката која земјоделците имаат прилика да ја добијат со средства од Европската унија познатите ИПАРД фондови. -Сакаме да ја негуваме традиција на одгледување на грав кои тука ја имаме како благодет во општината. ИПАРД програма институционално им дава голема поддршка на сите земјоделци. Сакаме да инвестираме во инфраструктурата, во самото село Теарце во фаза на надградување е затворениот систем за наводување на земјоделските површини. Тоа ќе ги поттикне сите земјоделци да ги прошират своите капацитети.  Ние имаме најдоброто плодно место, не само за грав, туку и за другите земјоделски производи меѓутоа истите треба да бидат поттикнати, поддржани од институциите, изјави градоначалникот на Теарце. Секоја година се помалку грав тетовец може да се најде во автохтоното тетовско подрачје бидејќи земјоделците се жалат дека немаат род од оваа култура. Како причини ги наведуваат високите температури поради кои нема принос на тетовските ниви, а воедно како неуспешна ја оценуваат борбата со штетните инсекти кои го напаѓаат плодот. ас/рп/    

Остани поврзан