• недела, 22 декември 2024

По 18 години пауза во Битола се враќа европската ракометна Лига на шампионите

По 18 години пауза во Битола се враќа европската ракометна Лига на шампионите

Битола, 13 септември 2023 (МИА) - Со натпреварот меѓу македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер и норвешкиот ракометен шампион Колштад, во Битола по 18 години пауза се враќа европската ракометна Лига на шампионите.

Последен пат битолчани во европската Лига на шампионите настапија во сезоната 2005-2006 година, кога Пелистер беше домаќин на Портланд Сан Антонио од Шпанија, Шафхаузен од Швајцарија и Загреб од Хрватска, а во оваа сезона ќе ги пречека шампионите на Германија, Франција, Полска.

- За најдобрата публика и најракометниот град во Европа ќе оставиме срце на терен, ќе се претставиме во најдобро светло и нема да ги разочараме гледачите, изјави пред вечерашниот натпревар Александар Јовиќ, тренер на РК Еурофарм Пелистер.

Во пресрет на првото коло од ракометната Лига на шампионите клубот со поддршка на Општина Битола извршија комплетна реконструкција на спортската сала, реконструиран е паркингот кој сега раполага со 7.632 квадратни метри корисна површина и извршено е хортикултурно уредување на просторот.

Според архивата на клубот, РК Пелистер прв пат на европската сцена настапи во 1986 година кога како вицешампион на поранешна Југославија се сретна со Атлетико Мадрид.

Во купот на европските шампиони Пелистер прв пат настапи во 1993 година кога се сретна со Пивоварна Лашко во Цеље, а најголемите меѓународни успеси ги постигна во 1996 година како полуфиналист против Лемго и финалист во ракометниот Челинџ куп што го одигра во 2022 година против Скјерн. мт/ар/

Фото: МИА

Остани поврзан