• понеделник, 23 декември 2024

Почнува Скопскиот економски и финансиски форум, главен говорник нобеловецот Пол Кругман

Почнува Скопскиот економски и финансиски форум, главен говорник нобеловецот Пол Кругман
Скопје, 30 мај 2022(МИА) - „Одржување на растот во времиња на неизвесност и потоа“ е темата на годинашниот Скопски економски и финансиски форум – СЕФФ, што се одржува денеска и утре, во организација на Министерството за финансии. Главен говорник на СЕФФ 2022 ќе биде добитникот на Нобелова награда за економија, американскиот професор Пол Кругман. Неговото учество е обезбедено во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија - АмЧам. За предизвиците во постпандемискиот период и градењето на поотпорна економија, ќе говорат и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на Светска банка за Европа Ана Бјерде, еврокомесарот Јоханес Хан, како и експерти и функционери од земјава и регионот. Дводневната дебата на СЕФФ ќе се фокусира на четири столба: „Макроекономски предизвици во турбулентни времиња“, „Отпорност, конкурентност и регионална соработка“, „Енергија, зелена транзиција и инфраструктура“, „После кризата - двигатели за одржлив раст“. Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ) е иницијатива на Министерството за финансии чија цел е да овозможи дебата за јавните политики на теми релевантни за Република Северна Македонија и за Југоисточна Европа, преку годишни конференции, повремени семинари и портал за анализи и коментари. Форумот да ја поттикне синергијата на идеи и иницијативи на креаторите на политиките, политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската јавност, бизнис-секторот и другите експерти и засегнати страни за подобрување на политичкиот дијалог на економски и финансиски теми со национален и регионален опфат. ир/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан