• среда, 15 мај 2024

Почнува Годишната конференција на евроамбасадорите 

Почнува Годишната конференција на евроамбасадорите 

Брисел, 6 ноември 2023 (МИА) – Во Брисел денеска почнува петдневната Годишна конференција на амбасадорите на ЕУ што ќе се фокусира на новото глобално безбедносно опкружување на Европа во услови на актуелните геополитички предизвици и кризи, како и на главните приоритети и задачи на Унијата во следните месеци. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на конференцијата ќе присуствуваат шефовите на 145-те делегации и канцеларии и на воените и цивилните мисии на ЕУ ширум светот, како и раководителите на претставништвата на Европската комисија во сите 27 земји членки на Унијата. 

Учесниците на Конференцијата ќе имаат можност да разговараат со лидерите на институциите на ЕУ и со други високи претставници за прашања поврзани со одговорот на Унија на случувањата и предизвиците надвор од нејзините граници, но и да ги пренесат своите сознанија од теренот. 

Во пресрет на Конференцијата, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изјави дека собирот на европските амбасадори годинава се одржува во критичен момент.  

- Следните месеци ќе бидат клучни за глобалниот мир и безбедност и за иднината на светот. На тест ќе биде ставен и кредибилитетот на ЕУ. Како дипломати на ЕУ, ќе работиме да го зачуваме тој кредибилитет и да ја пренесеме позитивната понуда што ЕУ ја има за нашите партнери ширум светот, нагласи Борел. 

Конференцијата ќе започне со обраќање на Борел, а во текот на денешниот ден пред евроамбасадорите ќе се обратат и претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, како и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.  

Меѓу останатите говорници најавени за учество на Конференцијата на амбасадорите се и извршниот потпретседател на Европската комисија за Европскиот зелен договор и за меѓуинституционални односи Марош Шефчович, извршниот потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето и еврокомесар за трговија Валдис Домбровскис, еврокомесарите за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен, за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и за животна средина, океани и рибарство Вирџиниус Синкевичиус, како и претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Меѓународната агенција за енергетика. 

Предвидено е евроамбасадорите да разменат мислења и со претставници на земјите членки на ЕУ, меѓу кои и шефот на португалската дипломатија Жоао Кравињо и генералниот секретар на австриското Министерство за надворешни работи, Николаус Маршик, како и со генералните секретари на Европскиот парламент, Европската комисија и на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ. 

Во рамките на Конференцијата се предвидени повеќе сесии на актуелни теми, меѓу кои и за надворешната политика на ЕУ во новата геополитичка ера, за иднината на безбедноста и одбраната на Унијата, за проширувањето на блокот, програмата „Глобална порта“, подемот на Кина, предизвиците поврзани со климатските промени и зелената транзиција, за родово одговорна надворешна политика, европската дигитална транзиција, меѓународните културни односи, како и за изборите за Европскиот парламент. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан