• сабота, 23 ноември 2024

Почна традиционалниот планинарски марш во чест на Борис Трајковски

Почна традиционалниот планинарски марш во чест на Борис Трајковски

Струмица, 22 февруари 2024 (МИА) - Дваесетина планинари од Струмица, Штип, Валандово, Радовиш и Гевгелија деветнаесетти пат маршираат во чест на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски.

Маршрутата и годинава ја почнаа пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во чест на Трајковски, каде положија цвеќе и со едноминутно молчење му оддадоа почит.

-Патот е долг околу 200 километри кој ќе го поминеме во неколку етапи и в понеделник на 26 февруари, на денот на загинувањето на претседателот Трајковски, на неговиот гроб во Скопје ќе положиме цвеќе, рече Душко Ќосев од ПАОК „Ентузијаст“ од Струмица.

Планинарот Атанас Пандев од Струмица досега учествува на сите маршеви.

-Со маршот му оддаваме неизмерна почит на нашиот претседател Борис Трајковски и сите треба да сме горди што тој беше наш сограѓанин, претседател и затоа маршот не може да се опише со зборови, туку треба да се доживее, рече Пандев.

Освен до Скопје, педесетина планинари од земјава и Бугарија во сабота и недела ќе пешачат и по падините на планината Беласица. Тие ќе се искачат на врвот „Ботра“ кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри. рт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан