• среда, 13 ноември 2024

Почна судењето против сопственикот на „ДоказМ“

Почна судењето против сопственикот на „ДоказМ“

Скопје, 10 март 2023 (МИА) - Во основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето против сопственикот на порталот „ДоказМ”, Марјан Стаменковски, кој се товари дека преку порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела.

Минатото, прво насрочено рочиште се одложи за денеска бидејќи одбраната на обвинетиот побара изземање на сите обвинители од Скопското обвинителство поради можноста да се јават како оштетени во постапката. Вишото јавно обвинителство го одби ова барање.

Јавната обвинителка, Зорица Павловиќ, тогаш предложи до судот јавноста да се исклучи од отворањето до крајот на главната расправа, бидејќи, како што рече, „се работи за кривични дела против моралот, а исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците“. Судот го прифати овој предлог и донесе решение за исклучување на јавноста.

По одложувањето на расправата, оштетените Ирена Мулачка и Валентина Вурмо во изјава за медиуми кажаа дека очекуваат дека правдата ќе биде задоволена. 

Помеѓу другите оштетени присутни беа и Александра Милчевска, Марина Јовановска, Блерим Рамадани и Роберт Петров.

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка поднесе обвинителен предлог против Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и „злоупотреба на лични податоци“. 

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал. 

Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска, а застапник на обвинението јавната обвинителка Зорица Павловиќ. ар/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан